„Охридско лето“ изгуби драга пријателка – македонската уметност голем великан


????????????????????????????????????

Со огромно жалење го изразуваме нашето сочувство до фамилијата, пријателите, колегите… за смртта на оперската и концертна уметница, алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот, примадоната Милка Ефтимова која почина на 89 годишна возраст.

Жалиме што заминува  еден  голем уметник, жена која со своите настапи остави  неизбришливи траги на домашната и светската оперска сцена.

Охридско лето остана без својата драга пријателка со која ја градеше богатата историја на Фестивалот. Со префинет стил и со голема возбуда секогаш беше дел од Охридско лето, со над 20 настапи на фестивалската сцена но и на гледалиштата а ќе ја паметиме и како уметник која ја испрати уметничката порака на 54 то фестивалско издание.

Велеше дека секој твој миг на Охридско лето беше посебен за тебе но за нас беше скапоцен. Тој отсекогаш претставуваше предизвик, мерило на нашите достигнувања, нашите критериуми, проверка на нашата уметничка зрелост.

Ти благодариме за зборовите „ФЕСТИВАЛОТ ОХРИДСКО ЛЕТО ЈА ВОЗНЕСЕ МАКЕДОНИЈА ШИРУМ СВЕТОТ“.

Посакуваше идните генерации да знаат дека не и билo едноставно на убавината да победи. Затоа често велеше- да ги заборавиме сите тие зли јазици, да му се радуваме на животот, да и се радуваме на убавината, да ги мотивираме младите генерации да ја ценат и да ја сакаат убавината и да бидат креативни, да создаваат нови убавини.  

Охридско лето ќе чекори по тој пат создавајќи многу убавина.

Денес, иако се збогуваме со тебе драга пријателке, вечно ќе те паметиме  по сите твои  достигнувања, во кој се истакнати врвните квалитети.

Почивај во мир!

Твоите вечни пријатели од Охридско лето