„Охридски комуналец“ преку хипотекарен кредит ќе купува половни возила
Советот на Општина Охрид на денешната седница донесе одлука за ново задолжување на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ со наменски кредит во износ од 140 илјади евра, за набавка на возила за собирање и транспорт на отпад.
Станува збор за одлука што предвидува набавка на половини наменски возила, што наиде на расправа меѓу советниците од позицијата и опозицијата.
Советниците на опозицијата предводени од СДСМ сметаат дека со новото задолжување преку подигање хипотекарен кредит, претпријатието ќе остане без дел од своите службени простории.
Станува збор за хипотека на службени простории на преторијатето што се наоѓаат во старата зграда кај Охридскиот пазар.
Народните избраници од позицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека токму тоа е начинот како да се спасат просториите на претпријатието што би можеле да бидат одземени од извршителите по основ на неисплатени обврски. За самите возила беше речено дека се оди на варијантата половни возила оттаму што се нема доволно средства за набавка на нови, а истовремено самата постапка за купување нова опрема бара процедура што би траеле и неколку години, а на „Охридски комуналец“ возилата му се потребни веднаш.
Претседателот на Советот, Сашо Донев истакна дека треба да се анализираат и причините кога се носат ваквите одлуки, бидејќи Јавното претпријатие е со блокирана сметка и да ги има средствата нема да ги уплати за нови возила, а истовремено повика да не се манипулира со јавноста дека претпријатието ќе ги изгуби деловните простории.
Расправи меѓу советниците имаше и по однос зголемувањето на цените на услугите што ги нуди „Охридски комуналец“, за што позицијата посочи дека е резултат на спроведеното ажурирање на податоците односно наплата на ѓубретарината според квадратурата на просторот.