Охридската архиепископија е бугарска, тврдат во Софија

Одлуката на Вселенската патријаршија било афирмирање на бугарскиот карактер на Охридската архиепископија и нема врска со признавање на македонскиот идентитет, вели историчарот Христо Матанов


Црквата „Света Софија“ во Охрид

 

Во Бугарија почнаа да се бројат реакциите на признавањето на канонскиот статус на МПЦ од страна на Вселенската патријарпшија. Главната забелешка е дека признавањето на МПЦ како Охридска архиепископија е удар за неактивноста на БПЦ. Историчарот Христо Матанов вели дека Охридската архиепископија е бугарска црква. Според него, признавањето на МПЦ како Охридска архиепископија од страна на Вселенската патријаршија е чисто геополитичко прашање. Но, како што вели во разговор за „Бгнес“ тоа од друга страна значи и „афирмирање на нејзиниот бугарски карактер и нема врска со признавање на македонскиот идентитет и самобитност“.

Матанов додава и дека тврдењето на Руската православна црква дека јурисдикциите на епархиите во Македонија се на Српската православна црква е удар за Бугарската православна црква  и нејзината неактивност.

„Усвоената одлука покажува дека Вселенската патријаршија е подложна на геополитичката ситуација што ја создаде“, вели Матанов. „Знаеме дека вселенскиот патријарх е поддржувач на отцепување на делови од Московската патријаршија, затоа е поддржувач на Украинската патријаршија“.

Толкувајќи ја донесената одлука, историчарот Матанов вели дека таа ја признава Охридската архиепископија како што била призната во XI век од Василиј II.

„Меѓутоа, треба да се забележи дека признавањето на црковна институција, како што е Охридската архиепископија, генерално е неканонско и предмет на дискусија“.

Според Христо Матанов, признавањето на Охридската архиепископија значело афирмирање на нејзиниот бугарски карактер, бидејќи Василиј II, византискиот император наречен „Бугароубиец“, издал повелба „со која сака да ја замени уништената Бугарска патријаршија со автокефална црква наречена Охридска архиепископија, дури и на штета на Вселенската патријаршија. Значи, ова во никој случај не е признавање на нивниот идентитет и самобитност, особено од човек со грчки идентитет како вселенскиот патријарх“.

Матанов вели дека по барањето од пред неколку години на МПЦ до БПЦ бугарската црква да биде претставена како „мајка“ ништо не е направено. „Беше формирана комисија која не направи ништо друго освен да ги советува македонските владици да ги почитуваат црковните правила. Да ги почитувавме црковните правила, немаше да добиеме црковна независност, а православниот свет воопшто немаше да се подели на помесни цркви. И како да очекуваме нешто кога половина од владиците се руски дипломци? Тие го следат она што го кажува Московската патријаршија и вртат грб на она што го вели Вселенската патријаршија“, нагласува професорот Матанов.