Охридска книжевна вечер со Славе Ѓорѓо Димоски во организација на „Спона“


Во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ утре во Охрид ќе се одржи книжевна вечер со современиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски.

Станува збор за активност во рамки на циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, шти ги организира „Спона“, во чиј фокус се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик. За првпат, настаните од овој проект ќе се одржат надвор од Скопје, во рамките на заложбите за афирмација на културните вредности и надвор од главниот град.

Поетот Димоски е меѓу македонските поети со најголем број поетски книги објавени и во препев на српски јазик, со исклучително високи високи оцени и од српската книжевна критика.

Утрешната средба ќе биде посветена на српските изданија на поетските книги „Јазичен триптихон“ („Језички триптихон“, Београд: Архипелаг, 2016) и „Извештаи на рисот и други песни“ („Рисови изветаји и друге песме“, Панчево: Арка, 2023).

На настанот, со свои видувања ќе се вклучат и истакнатиот српски книжевник и издавач, Гојко Божовиќ, кој важи за голем афирматор на современата македнска книжевност во Србија, како и книжевникот и програмски директор на „СПОНА“, Милутин Станчиќ.

Настанот се организира со поддршка од Почесниот конзулат на Република Србија во Охрид и од почесниот конзул, Михајло Филев..

За задутре е предвидена книжевна вечер со писателката Лилјана Пандева посветена на српското издание на романот „Доилката“.