Охрид СОС: На власта ѝ пречи што Охридскиот Регион е на листата на светско наследство
Власта (особено) во рацете на ДПМНЕ одамна докажа дека формалната заштита не е пречка за агресивна урбанизација на Охрид, порачуваат од Охрис СОС
Охрид СОС реагира на неодговорната изјава на вицепремиерот Александар Николоски неодамна кој оцени дека поради статусот на заштитено подрачје, во Охридскиот Регион не можат да се изградат хотели од висока категорија – и покрај толкуте хотели што во моментов се градат незаконски, и покрај таа заштита.
Според нивна оценка, на власта и пречи очигледно што Охрид е на листата на светско наследство, бидејќи да не е, повеќе профит ќе се слева во нивните џебови. Тие притоа порачуваат дека е срамно во дваесет и петтата година од 21 век да повторуваме лекции кои требало да бидат апсолвирани уште во минатиот, и тоа од влада која има законска обврска да го штити Охридскиот регион.
„Охридскиот Регион, де-факто светско наследство во опасност, министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски сакал да гради уште хотели. Но, му пречи тоа што Охридскиот Регион е сè уште на листата на светско наследство.
На неодамнешната трибина „Е75 – Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски инсинуира дека заштитата на природното и културното наследство е пречка за развој на туризмот воопшто. Дека „практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја“ како што вели вицепремиерот, е ништо помалку од лага.
Власта (особено) во рацете на ДПМНЕ, било централна, било локална, одамна докажа дека формалната заштита не е пречка за агресивна урбанизација. Хотелот во Мазија, за кој немаше обезбедено стручно одобрение, се гради во полн ек, огромниот нелегален хотел во село Рамне веќе е готов, Горица со Мијалков добива објект поголем од хотелот „Инекс“, нелегалниот хотел во Лагадин се надоградува, во Св. Стефан се гради веројатно нов хотел на помалку од 100 метри од езеро и се проширува еден веќе изграден сместувачки објект на самиот брег, новиот „Парк“ на 50 метри од брегот за кој одобрението за градба требаше да биде поништено забрзано се гради, засилено рекламирајќи се периодов меѓу другото и дека ќе поседува сопствена плажа. Ако ова е „практично невозможно“, како би изгледало „можното“?
Флагрантна некомпетентност на сите влади во континуитет е токму тоа што не можат да овозможат развој кој нема да значи уништување на природното и културното наследство. Се водат од застарени концепти за „развој“ и покрај тоа што знаат дека состојбата на Охридското Езеро постојано се влошува, Галичица го нема потребното ниво на заштита, Студенчишко Блато нелегално се урбанизира, изворите Св. Наум се загадени со фекални бактерии, а историските градски јадра на Охрид и Струга веќе не се стари. Безочно неодговорно е да се сугерира понатамошна урбана експанзија од тие кои треба да обезбедат заштита.
Николоски исто така кажува дека на Охрид му фалеле хотели и дека регулативата треба да ја олесни изградбата. Врз основа на какви стручни анализи е тоа утврдено? Или пак, каква е таа анализа која не ја утврдила цената од уништување на природните и културните вредности – вредности поради која тие станале „заштитени“?
За министерот Николоски тоа е неважно, бидејќи тој не знае дека вредноста на заштитените подрачја може исто така да се изрази во пари, како и нему посакуваните хотели. Губењето на тие ресурси ќе чини многу повеќе пари. Се разбира, тоа е небитно за власта, зашто тоа скапо ќе го плаќаат некои други генерации. Иронично, ќе го плаќаат и нивните деца и внуци (но тие се веќе обезбедени). Мислевте дека помислил на нашите?!
Леснотијата со која еден вицепремиер се расфрла со изјави за кои треба стручна проценка зборува за недостаток на одговорност. Политичката неодговорност е многу поголема зашто од одлуките и постапките на власта зависи судбината на сите! Тоа воедно зборува и за недостиг на компетентност. Зашто ако ја имаше, ќе знаеше дека во неколку извештаи, Центарот за светско наследство на УНЕСКО веќе една деценија бара Охридскиот Регион да се стави на листата светско наследство во опасност поради неконтролираната урбанизација; ќе знаеше дека Постојниот комитет на Бернската конвенција уште во 2021 година отвори случај за Охридско Езеро и НП Галичица; ќе знаеше дека неколку години по ред Европската Комисија дава засрамувачки оцени за „постигнувањата“ на Македонија во доменот на животната средина и природата.
На власта ѝ пречи тоа што Охридскиот Регион е на листата светско наследство. Тие посакуваат заштитени подрачја да нема, џебовите да им ги полнат инвеститорите на хотели со кои заедно ќе можат да пијат шампањ на терасите со поглед на езеро (па макар тоа било и во умирање).
Да го потсетиме вицепремиерот и неговата влада дека тие имаат ЗАКОНСКА ОДГОВОРНОСТ да се грижат за нашето природно и културно богатство. Тоа го бараат и граѓаните. Срамно е во дваесет и петтата година од 21 век, да повторуваме лекции кои требало да бидат апсолвирани уште во минатиот. Засукајте ги ракавите, вработете стручни лица и научете веќе еднаш што значи одржлив развој, реагираат од Охрид СОС.