Охрид СОС алармира: Се бетонира Охридското езеро од албанска страна


Невладинта организација „Охрид СОС“ алармира дека градежни машини бетонираат од албанската страна на Охридско Езеро, кај селото Тушемишта. Тоа се гледа и од фотографиите што ги објави со реакцијата.

-Додека албанските власти во извештајот доставен до УНЕСКО наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго. Се бетонира во Охридското езеро, како што се гледа од фотографиите, но немаме повеќе детали, пишуваат тие.

Иако албанскиот дел е само четири години на листата светско наследство, велат дека ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел.

-На средба со неколку албански организации и жители на Поградец неодамна, имавме прилика да дознаеме за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита, кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот и чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување, од двете држави, се вели во објавата.

Истовремено, во Студенчишкиот канал повторно е забележано загадување на водата, предизвикано од човечки фактор. На површината на водата се појави мрсна дамка, од непознато потекло. Според информациите од надлежните, вчера попладнето извршен е вонреден инспекциски увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, изготвена е фото-документација, а согласно регулативата ќе се покрене соодветна постапка.

За да видат каква е ситуацијата со био-резерватот Охридско Езеро во земјава престојуваат претставници на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска Конвенција) и на УНЕСКО.

Тие денеска ќе имаат средби со претставници на Општина Охрид, а предвидено е да ги посетат уште Националниот парк „Галичица“, Општина Струга, како и теренски посети на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро.

Експертите од УНЕСКО и Бернската конвенцијавчера имаа средба и со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Таа по средбата изрази очекување дека гостите ќе дадат реална оценка за ситуацијата на терен, како и препораки за одржливо управување.