Охрид секој ден со концерти, еве како се справува со ѓубрето
Лименки, пластични шишиња и остатоци од храна расфрлани по улиците, вдолж крајбрежјето, но и на просторите каде се одржуваат концертите – се реална слика во доцните вечерни часови и наутро во најголемиот туристички бисер Охрид кој во екот на летаната сезона е преполн со гости и нема место за паркирање.
Оперативните служби на „Охридски комуналец“ постојано се на терен, а воведена е и трета смена. Оценувајќи ја состојбата како вонредна, велат дека дневно се собираат и по 900 кубни метри пресуван комунален отпад. Тоа, според нив, е огромна количина и апелираат жителите и туристите да бидат посовесни.
„Најкритично е наутро околу пекарите, рестораните, паркот, пристаништето, па сѐ до хотел ‘Палас’ каде секојдневно се соочуваме со проблеми. Успеваме работните задачи да ги извршиме навреме и до 7 часот градот веќе е исчистен. Доколку граѓаните го почитуваат комуналниот ред, не би имале проблем, но за жал, сликата во утринските часови е многу грда“, вели за СДК.мк Стевчо Маслов, раководител на Секторот за јавна хигиена на „Охридски комуналец“.