Охрид се штити само на хартија, порачаа преставниците на Бернската конвенција
Плановите да се имплементираат во пракса, а не само на хартија – порача претставникот на Бернската конвенција по средбата со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претставниците на другите надлежни институции. Меѓу приоритетните забелешки е студенчишкото блато, дивоградбите на крајбрежјето и заштитата на езерото. Одречно “не” за изградба на марина во Студенчишкото блато или за две три години истото ќе исчезне, рече Андреј Шовинц.
„Проблемите нема да се решат само на хартија, на пример блатото ќе исчезне за 2,3 години ако не се сопре недозволената урбанизација. Идејата за изградба на марина треба целосно да се отфрли бидејќи е штетна. Ситуацијата во Струга пак е уште потешка,таму има многу дивоградби, ќе се обидеме утре да објасниме нa струшкиот градоначалник дека според Унеско и за Бернската Конвенција може да има развој и туризам, но да не се загрози наследството. Не може по секоја цена да има масовен туризам. Може да има компромис, но не со ова темпо, ова е погубно и не смее да се случува. Во Струга ќе предложиме да се управува со светското наследство правилно според препораките. Имате се како што треба, но за жал се е само на хартија”- порача Андреј Шовинц од Бернска конвенција.
Градоначалникот Пецаков изрази задоволство од состанокот, со ветување дека препораките ќе продолжат да се исполнуваат.
Во оваа експертска посета е предвидена обиколка на Националниот парк „Галичица“, Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро а утре посета на Струга и крабјрежјето.