Охрид ја чека одлуката на УНЕСКО
На 43. сесија на УНЕСКО, која се одржува во Баку, вчера помина дискусијата за Охридскиот Регион. Но, дали тој ќе биде на листата на загрозени светски културни наследства или не, одлука сè уште нема.
Советодавните тела на УНЕСКО преку своите претставници ги образложија забелешките и причините зошто сметаат дека Охридскиот Регион треба да се најде на црната листа. Ги повторија нотираните препораки со цел да се сочува ова светско културно и природно наследство и потенцираа дека Охридскиот Регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.
Претставниците на Австралија, Куба, Кувајт, Кина, Шпанија, Бразил, Тунис, Унгарија, Босна и Херцеговина сепак предложија да ѝ се даде дополнителен период на Македонија за да ги имплементира препораките од УНЕСКО.
Конкретно, БиХ, Бразил, Унгарија и Кина забележале дека се направени придвижувања во имплементирањето на препораките. Сепак, претставниците на овие земји забележуваат дека Владата не го информира редовно Центарот за светско културно наследство за активностите и проектите што се реализираат во Охридскиот Регион. Дел од нив рекоа дека ја забележуваат искрената заложба на Владата, но пожелно е да се забрзаат процедурите со исполнувањето на препораките.
Претставникот на Албанија истакна дека е од огромно значење за двете соседски земји да се работи во насока на зачувување на светското и природното културно наследство на Охрид, особено што Македонија и Албанија го делат Охридското Езеро кое е уникатно.
На сесијата се обрати и министерот без ресор Едмон Адеми, како предводник на македонската владина делегација во која се и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
Адеми ги посочи сите преземени чекори што Владата ги направила во насока на зачувување на Охридскиот Регион. Тој истакна дека оваа влада се формираше два месеца по мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година и дека веднаш е започнато да се работи на нивните препораки.
По завршувањето на дискусијата за Охридскиот Регион, се отворија останатите точки од дневниот ред. Поради специфичноста околу прашањето за Охридскиот Регион, беше предложено таа точка да остане отворена и подоцна на наредните дискусии повторно да се навратат на овој дел, а тогаш ќе ја соопштат и одлуката. (И.Н.)