Огромна сума: Еве колку данок ќе плати Алкараз по освојувањето на Ролан Гарос


Карлос Алкараз го освои Ролан Гарос и заработи 2,55 милиони евра, но поради даноци, нема да може да ужива во целата сума.

Според проценките на шпанскиот синдикат на даночни експерти „Геста“, младиот тенисер од Мурсија ќе изгуби дури 40,8 проценти од наградниот фонд, или повеќе од милион евра.

Во Франција, тој мора да плати данок од 15 проценти за нерезиденти, кој изнесува 382.500 евра. Во Шпанија, тој ќе плати дополнителни 658.436 евра, откако ќе се одземат трошоците за сместување, престој и работа за целиот свој тим, како и олеснување за избегнување на двојно оданочување. Вкупно, Алкараз ќе плати нешто повеќе од милион евра.

Потсетете се дека Алкараз стигна до својата петта титула на Гренд слем со победа во пет сета над Јаник Синер, тенисер број еден на АТП ранг-листата. Алкараз заостануваше два сета и спаси три меч-топки на патот до одбрана на титулата во Париз.