„Огнените“ ќе станат политичко движење

Еден од лидерите на „огнените“, Изет Меџити, денеска потврди дека започнуваат со процедура за формирање нов политички субјект. Тоа нема да биде класична политичка партија, туку повеќе демократско движење.
„Уште не сме размислувале за името на движењето. Дебатата е отворена и очекуваме да стигнат иницијативи од граѓаните“, изјави Меџити денеска за МИА потврдувајќи дека со прроцедурите за формирање на нов политички субјект започнуваат од денеска. Тој во петокот вечерта, во гостување на албанската телевизија Визион плус, изјави дека таквото движење ќе го артикулира различното размислување внатре во Демократската унија за интеграција.
„Досега имаше една моќна партија – ДУИ и мали опозициски партии кои не ја одиграа улогата на опозиција. Сега мислам дека ќе има два политички блока меѓу Албанците – тоа ќе биде моќна позиција и опозиција што нужно ќе даде поголем ефект за Албанците“, рече Меџити и изрази уверување дека политичката сила ќе биде подготвена пред претстојните парламентарни избори.
Од друга страна, „огнениот“ Блерим Беџети, градоначалник на Сарај смета дека не треба да се формира нова партија туку расколот во ДУИ да се реши со демократска дебата и легитимни одлуки. Практично, пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику, Кастриот Реџепи, екс-заменик министерот Башким Асани, градоначаникот Висар Ганиу и други истакнати членови и функционери во ДУИ од денеска не се членови на оваа партија. Констатираат дека ДУИ целосно ги исклучила, дека залудно се обиделе да делуваат како фракција и дека треба да формираат нова партија која ќе стане опозициска.Но, во новата партија нема да бидат Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други кои одлучија да останат фракција во ДУИ и да ги решаваат сите проблеми со „демократска дебата и легитимни одлуки“.
Овој чекор на Меџити следи по бојкотот на внатрепартиските избори во општинските ограноци и исфрлањето на приврзаниците на „огнените“ од јавните функции. Портпаролот Бујар Османи им порача: „Кој се запишал, тој е во ДУИ“.
„Дејствувањето на ‘огнената група’ скапо ќе ја чини ‘оската’ Ахмети – Груби, веќе од самите собири во Скопје се гледа оти мнозинството го губат во главниот град. Како што и загубија во Тетово“, рече потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани.
За обединување на албанскиот опозициски кампус веќе имало контакти и средби помеѓу Меџити и лидерите на Беса и на Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Меџити вели дека вратата за соработка е отворена и за Алијанса за Албанците, но дека партијата на Арбен Таравари треба да реши дали за изборите ќе се приклони кон власта или кон опозицијата.
По разидувањето на „огнените“ нема комуникација меѓу Меџити од една и Беџети, Џафери и Бејта од друга страна.
– Меџити тргна по друг пат. Не ни беше агенда да правиме движење, туку да ја реформираме ДУИ. Друга работа е ако Меџити се координира со други партии, со ВМРО-ДПМНЕ, Беса и ако спроведува туѓа агенда – велат противниците на новото движење.