Огнената група од ДУИ повторно бара оставки од Османи и Груби


Огнената група на ДУИ излезе повторно на прес конференција за да ги каже забелешките за работењето на кадрите на ДУИ во Владата пред јавноста бидејќи, како што рекоа,  донесувањето одлуки во партијата е привилегија на еден клан под влијание на Артан Груби, а поради затвореноста на партијата тие не можат да ги изнесат пред партиските тела. 
 

„Нашите забелешки не беа разгледани во партијата и затоа му се обраќаме директно на членството преку медиумите“, истакна денеска на прес-конференција Изет Меџити, предводник на огнената група, кој го изрази незадоволството од работењето на министрите од оваа партија во Владата.

„Од Владата бараме одговорност за неефикасното работење. Артан Груби и Бујар Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и првпат рејтингот на албанската опозиција го надмина рејтингот на ДУИ“, рече Меџити, иако откако Османи е шефот на дипломатијата Македонија доби преговори со ЕУ и го реши спорот со СПЦ.

Според Меџити, од 170 проекти колку што биле ветени со изборната програма целосно биле остварени само два, или во проценти дури 98 отсто од најавите не се реализираат бидејќи, како што рече, биле заборавени од извршната власт.  

Тој сепак  нема дилеми дека Али Ахмети треба да остане како лидер на партијата.

„Треба во владиниот тим и во ДУИ да има нови лица. На две седници на претседателството аргументиравме зошто луѓето потфрлуваат и дека треба да си одат. Се што се однесува за
стратешките договори со ЕУ, Бугарија или добар закон во Собрание, јас ќе го гласам, а она што не е добро нема да го гласам“, изјави Меџити, додавајќи дека ја поддржува ориентацијата на Владата генерално и дека ова е принципиелна војна внатре во ДУИ.

Во огнената група во Демократската унија за интеграција се пратеникот Изет Меџити, градоначалниците на општините Сарај и Чаир, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и ексфункционерот Муса Џафери.