Официјализирана партијата на Изет Меџити, Демократско движење

Вчера Европска демократска партија, денеска Демократско движење.
Уште две партии се формираа во албанскиот политички блок кои имаат пратеници во сегашниот состав на Собранието.
Демократското движење го одржа своето основачко собрание денеска во скопскиот хотел „Хилтон“. Негов лидер е пратеникот и деценискиот член на ДУИ, како и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Меѓу поистакнатите членови се и сегашниот градоначалник на Чаир, Висар ганиу и пратеникот Кастриот Реџепи.
Пред одржувањето на основачкото собрание „огнената група“ на ДУИ ја напуштија Невзат Бејта, Муса Џафери и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети. Тие се изјаснија против основање на нова партија.
Меџити во изјава за новинарите ги релативизираше настаните во Скопје и тетово за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
„Ако се водиме по тоа што секој поставува знамиња за Кутлеш, за голема Албанија, треба секој ден да затвораме луѓе. Мислам дека на таа посета треба да се гледа позитивно, Курти промовира заеднички проекти како патот Tетово-Призрен кој ќе ги зближи луѓето, ќе придонесе за економски развој поголем туризам. Ќе ве замолам попозитивно да размислувате. Тоа беше митинг. Секој ден ни се случува, јас гледам и карти од голема Македонија. Ние бевме и во општина Тетово каде пред општинската зграда има и македонско и албанско и општинско знаме, ако сакаме да гледаме, да проблематизираме по секоја цена“, изјави Меџити.
Тој додаде дека примерот со улицата „Адем Демачи“ во Чаир не треба да биде проблем, оти станувало збор за личност со европска вредност.