Одржани први политички консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Азербејџан


Во Баку  денеска се одржале први политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Република Азербејџан, предводени од замениците министри на двете земји, Зоран Димитровски и Фариз Рзајев.

-Делегациите разменија мислења околу билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување, притоа истакнувајќи ја потребата од заокружување на билатералната правна рамка во области од заемен интерес, како основа за натамошно продлабочување на соработката особено во делот на економијата и на надворешно-трговската размена.Обострано беше констатирано дека постои потенцијал за унапредување на соработката во сферата на енергетиката, за што нашата земја веќе неколку пати го искажа интересот за приклучување кон ТАП-Трансјадранскиот гасовод, како една од можните алтернативи за ублажување на последиците од глобалната енергетска криза, се наведува во соопштението. 

Се посочува дека интензивирањето на контактите помеѓу двете земји во последниот период, вклучително и неодамнешните посети „придонесоа кон подигнување на политичкиот дијалог на едно повисоко ниво, што резултираше  со  потпишување на Договорот за укинување на визниот режим за носителите на дипломатски и на службени патни исправи“. 

-Двајцата соговорници оценија дека одржувањето на првите политички консултации помеѓу двете земји ќе биде вистински поттик и солидна основа за понатамошно продлабочување на севкупните билатерални односи, стои во соопштението. 

Во рамките на посетата на Баку, заменик-министерот Димитровски остварил средба и со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов.