Одредбата за највисока пензија останува, одлучи Уставниот суд


 

Уставниот суд ја запре постапката за оценување на уставност на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што значи дека нема да се преиспитува уставноста на одредбата со која се утврдува највисоката пензија.

Судот утврди дека поведувањето на постапката на 11 мај 2021 година било засновано врз погрешна фактичка состојба и одлучи дека постапката за оценување на уставноста на оспорената одредба треба да се запре согласно членот 47 алинеја 3 од Деловникот.  

Уставниот суд ги имаше предвид начелата на социјална праведност и генерациска солидарност утврдени со членот 3 од Законот, врз основа на коишто се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување во првиот пензиски столб, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со Законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

По однос на покренатото прашање за пропорционалност и сразмерност во иницијативата Судот ја зема предвид и содржината на членот 16 став 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, според кој највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за примањата од работен однос од еден обврзник за пресметка и уплата на придонеси е износот од шеснаесет просечни плати. Над уплатата на оваа вредност повеќе не се уплатуваат придонеси.

Подносители на иницијативата се Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ  и  Димитар Пејчиновски, сите од Скопје, преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје.