Одобрена реконструкцијата на салата „Партизан“ и изградба на базен
Општина Карпош соопшти дека издадено е одобрението за реконструкцијата на салата „Партизан“, како и решението за изградба на новиот пливачки базен до култната спортска сала.
Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја финализира постапката за избор на изведувачи за двата спортски објекти. Имено, двете јавни набавки се во фаза на евалуација на пристигнатите понуди, по што АМС ќе спроведе и е – аукции.
– Точно е дека помина поприлично време откако ја започнавме Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, но верувајте дека не беше лесен овој процес. Прво, се боревме салата да ја вратиме во владение на општината, откако концесионерот целосно ја имаше запуштено – вели градоначалникот Стефан Богоев.
Според него, најважно е што на овој простор повеќе не постои закана за изградба на стабени згради. Напротив, овој дел од Карпош ќе прерасне во уредена спортско – рекреативна зона, со мултифункционална сала и затворен пливачки базен.
Теренските активности за реконструкција на салата и изградба на затворениот пливачки базен се очекува да започнат за триесетина дена.
Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“ општината ја започна на почетокот на 2019 година. Оттогаш се вложија сериозни напори за оваа спортска сала, која е дел од колективната меморија на скопјани да се врати во владение на општина Карпош, имајќи предвид дека со салата стопанисуваше приватен концесионер на несоодветен нaчин.
По враќањето на „Партизан“ во владение на општината, трајно се отстрани заканата на овој простор да „никнат“ нови згради. Локалната самоуправа во соработка со здружението „Културно Ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Агенцијата за млади и спорт го подготви основниот проект, по што истоимената институција објави јавна набавка за избор на изведувач за реконструкција на салата.
Во овој дел од Карпош, ќе биде изграден и затворен пливачки базен. Истиот ќе можат да го користат учениците од општинските основни училишта, а во попладневните часови и околните жители.
На овој начин, делот меѓу населбите Карпош 3 и Карпош 4 ќе претставува уредена спортска целина, која ќе можат да ја користат сите граѓани.
Со хуманизацијата на овој простор се создаваат услови за уште поголем развој на спортот на локално ниво.