Одлуката на Уставен суд за Еуростандард банка има моќ да го смени банкарскиот систем

Конечната одлука на Судот, доколку биде укинување или поништување на оспорениот член во законот, може драстично да го промени целиот досегашен систем на осигурување на депозитите во банките. Дали тоа може да предизвика граѓаните да го намалат штедњето во банките?
Мирче Јовановски
Дали штедачите кои имале поголеми заштеди од 30 илјади евра во Еуростандард банка и компаниите депоненти на банката ќе добијат рамноправен третман во стечајната постапка и дали треба да стравуваат оние на кои Фондот за осигурување депозити (ФОД) веќе им исплатил одреден износ за кој гарантира? Овие прашања се наметнаа по одлуката на Уставен суд да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на член 163, став 3 од Законот за банки, како што бараа подносителите на иницијативата, околу 780 оштетени штедачи од Еуростандард банка организирани во здружението „Правда за сите“.
Конечната одлука на Судот, доколку биде укинување или поништување на оспорениот член во законот, може драстично да го промени целиот досегашен систем на осигурување на депозитите во банките, од кој сега се изоставени фирмите депоненти и каде што најголемиот осигурен износ е 30 илјади евра по штедач, но и предимството кое сега го има ФОД при наплата на побарувањата во стечајната постапка на банката.
Контроверзиите во јавноста уште повеќе се зголемија откако Уставниот суд практично се премисли, бидејќи пред околу два месеца веќе отфрли иста таква иницијатива за која сега поведе постапка. Во доменот на шпекулациите останаа вистинските мотиви за таквиот пресврт. Нови сознанија, или нешто друго?
Во меѓувреме, на удар на здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка се најдоа сите кои се обидоа да прокоментираат или да објаснат нешто – како, на пример, Антикорупциската комисија на чело со нејзината претседателка, но и Министерството за финансии. Уставниот суд, пак, кој по претходната негативна одлука беше „последен клин на сандакот во кој се сместени“, сега за штедачите стана „херој во битката за правда“.
Сепак, работата е далеку од готова, односно одмерувањето дали на членот 163, став 3 од Законот за банки, е уставен или не, допрва претстои, велат поранешни членови на Уставниот суд.
Рано е да се прејудицираат работите
Не навлегувајќи во материјалниот дел на случајот, д-р Наташа Габер-Дамјановска, наш реномиран правник, поранешна судијка на Уставниот суд, а сега директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ вели дека во однос на процедурата Уставниот суд при поднесокот на секоја иницијатива, ако ги задоволува формалните услови, веднаш оформува предмет.
„Притоа, се назначува по азбучен ред редоследно како што пристигаат иницијативите судија известител за предметот и стручен соработник кои работат заедно на него. Судијата известител го реферира предметот на седница на Уставен суд и го изложува својот предлог за оспорените одредби“, вели Габер-Дамјановска за „Независен“.
Во конкретниот случај, како што објаснува, мнозинството судии одлучиле да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби. Потоа, Уставниот суд се обраќа во деловнички предвидениот рок до носителот на одредбите (во овој случај Собранието, може и ресорното министерство) да се произнесе повторно за ставовите искажани во Решението на Уставниот суд и да се види дали во тој период (кој е вообичаено околу 45 дена) правната и фактичката состојба ќе се измени или не.
„Потоа, судијата известител на седница на Уставен суд доставува предлог-одлука за која Судот треба да се произнесе. Предлог-одлуката може: да не добие мнозинство гласови, по што постапката се запира; да се изгласа дека спорните одредби се укинуваат, што значи дека правното дејство на оспорените одредби нема да бидат во правниот поредок односно да важат од датумот на одлуката и во иднина; или оспорените одредби да се поништат, што значи дека тие одредби нема да важат хронолошки од денот на нивното донесување. Судот може во својата одлука ако е поништувачка и конкретно да назначи односно да даде насоки на кој начин таа ќе се извршува за да појасни“, вели Габер-Дамјановска.
И покрај тоа што многумина помислија дека е направен преседан од Уставен суд со покренување постапката, со оглед дека еднаш веќе се произнеле, Габер-Дамјановска вели дека и порано се случувало некои од уставните судии да го менуваат мислењето во однос на одреден предмет.
Се чини дека е сепак рано да се прејудицираат работите, бидејќи и Уставен суд во соопштението за одлуката да поведе постапка вели дека „предлогот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на одредбата за која се одлучи да се поведе постапка, не беше усвоен“, што укажува дека дел од барањата на „Правда за сите“ не биле прифатени.
Од Здружението сметаат дека „ова е историска победа за сите граѓани во државата“ која „треба да биде поттик во овие тешки времиња на пандемија и економска криза уставниот поредок да служи како поддршка на граѓаните, а не за лични интереси на поединци и лоби групи“.
„За историски одлуки се потребни херои, а денес тоа се уставните судии“, наведоа во соопштение од Здружението.
Дали ваквите епитети за уставните судии ќе ги задржат доколку на крајот одлуката не биде како што очекуваат? Тоа не е тешко да се претпостави, бидејќи пред само два месеци кога Уставниот суд ја одби нивната иницијатива, расположението беше сосема поинакво. Тогаш за членовите на Здружението „Правда за сите“, Уставниот суд беше „последниот егзекутор“.
Пропаѓањето на Еуростандард банка доведе до многу лични и деловни драми – некои кои цел живот штеделе, или на банката ѝ ги довериле парите кои им ги испраќале блиски од странство со цел еден ден да купат недвижност, преку ноќ им пропаднаа. Многу мали бизниси буквално дојдоа во ситуација да стават клуч иако добро работеле – парите кои ги имале на сметка во банката им станаа недостапни и со голема веројатност на крајот да добијат само трошки, а пропаѓањето на Еуростандард дојде во екот на пандемијата, кога од страна на државата беа прогласени мерки со кои на некои од засегнатите (сопственици на хотели или ресторани) им беше оневозможено да работат и да остваруваат приходи.
Совршена бура
Но, ваквата „совршена бура“ во која е најдоа дел од штедачите и комитентите во Еуростандард банка лесно може да има домино ефект, доколку се урне сегашниот систем на обесштетување на штедачите, предупредуваат економисти. Алармот е вклучен бидејќи се стравува од тектонски потреси во банкарскиот систем и во тешко стекнатата доверба во него.
Запрашан за коментар за одлуката на Уставен суд да поведе постапка околу уставноста и законитоста за член 163 став 3 од Законот за банки, наш познат експерт за монетарна политика и за банкарскиот систем, вели дека не гледа никаква основа Уставниот суд да покренува таква постапка.
„Нашиот модел е ист или сличен како и во најголемиот дел од Европа и во светот. Ништо ние не сме измислиле тука во поглед на правата на штедачите за износот кој се покрива со осигурувањето – во Европа е 100 илјади, кај нас е 30 илјади евра“, вели тој. Според него, во прашање се некои спреги помеѓу одредени заинтересирани лица со Уставниот суд, поради што иницијативата која беше еднаш отфрлена сега се покренува повторно.
Во однос на евентуалните последици доколку оспорениот член се укине или пак се поништи, нашиот соговорник вели дека тоа несомнено ќе внесе нервоза кај штедачите.
„Исто така, Народна банка ќе мора да донесе одлука да се зголеми уплатата на банките во Фондот, а тоа пак тие ќе мора да го надоместат преку каматите. Во тој случај, ќе има цела спирала на настани што апсолутно не е потребно и е штетно во овој момент“, вели тој.
Правници објаснуваат дека на јавната расправа, која се очекува да ја свика Уставниот суд (доколку најде дека е тоа потребно) се повикуваат експерти за да го изнесат своето мислење и по правило се одржува пред да се подготви рефератот. Можеби ќе решат и сега да го направат, имајќи предвид дека прашањето е прилично горливо, коментираат тие, додавајќи дека одлуката за поведување постапка не прејудицира дека оспорениот член ќе биде укинат или поништен од страна на Судот.
„Тоа го решава одлуката. Сега е само изразен сомнеж за уставноста на одредбата“, појаснуваат правници, според кои банкарите со право се вознемириле, бидејќи, како што велат „денес е една банка, утре може и некоја друга“.
„Кој е принципот и кои се професионалните узанси? Ова бара многу внимателна елаборација“, велат нашите соговорници, нагласувајќи дека работата не е да се навива, туку да се види како функционира системот.
Во однос на искрата која предизвика жестоки реакции на штедачите и барање за оставка на Антикорупциската комисија поради прашањето дали еден од уставните судии кој има приватни релации, одноно кумство со синот на сопственикот на Еуростандард банка, треба да се изземе или не, нашиот соговорник вели дека е тоа меч со две острици.
„Станува збор за многу лично прашање. Уставен судија не може да се изземе, може евентуално да излезе физички и да не гласа од етички причини, но тоа да се смета така. Инаку, при гласањето во Уставен суд нема воздржани“, објаснува нашиот соговорник, додавајќи дека ако се оди по таа линија, во многу од предметите некој од уставните судии може да се каже дека е заинтересирана страна. Во секој случај, додава, Уставот не кажува дека треба да се изземе уставен судија.
Што велат економистите
Економистите велат дека банкарскиот и финансискиот систем секогаш се поврзани со кредибилитетот и независноста, транспарентноста и тн.
„Какви било промени сами по себе може да имаат негативна реперкусија врз целата ситуација“, изјави деновиве универзитетскиот професор Борче Треновски, во „Топ тема“ на Телма. Тој вели дека веќе 20-30 години постои европска директива во која точно се објаснува каква е рамката на фондовите кои ги осигуруваат депозитите.
„Прво што кажуваат е дека банките треба да го покриваат трошокот, односно средствата се земаат од банките, а не од даночните обврзници, бидејќи ако е од даночните обврзници и од државата, тоа може да создаде морален хазард и да ги раскалаши банките да се чувствуваат послободно. И второ, секогаш се покрива до определено ниво, во случајот до 30 илјади евра. Друго е прашањето дали се опфаќаат правните и физичките лица. Нашиот систем е до 30 илјади евра, за што од депозитите на физичките лица се издвојуваат 0,7 отсто на годишно ниво. Тоа транспарентно беше кажано, колку се покриваат од депозитите, сите штедачи го знаат тоа“, вели професорот Треновски. Тој го постави и прашањето дали е воопшто потребен фонд доколку има линеарно покривање на сите штедачи.
„Дали тоа значи дека утре и оние кои биле обесштетени до 30 илјади евра, ќе треба да вратат дел од парите, дали на сите ќе им се даде на пример по 20 илјади евра, па да го споделат сите тоа. Логиката е да им се помогне на малите штедачи“, вели тој, прашувајќи дали граѓаните би штеделе ако знаат дека нема плафон на осигурување на нивните депозити и какви би биле реперкусиите.
И за даночниот експерт Павле Гацов, исклучително е важна стабилноста на банкарскиот систем, особено во вакви турбулентни времиња. Но, тој смета дека со оглед на профитите кои ги остваруваат, банките имаат простор и во наредните години да издвојуваат во Фондот за осигурување депозити.
„Мислам дека доаѓа време системски да се размисли дали има потреба сегашната гранична сума од 30 илјади евра да се зголеми. Јас би рекол со некое системско решение година за година – прво 50 илјади, па 75 илјади за неколку години да достигне 100 илјади евра“, изјави Гацов во „Топ тема“ на ТВ Телма, објаснувајќи дека ФОД кога достигнува некое ниво им вели на банките „доволно е, не уплатувајте“.
Инаку, според податоците на Фондот за осигурување депозити, најголемиот дел од штедните влогови на граѓаните во банките и штедилниците се осигурени во оваа институција.
Податоците покажуваат дека вкупните депозити на населението кај членките на ФОД изнесуваат 4,8 милијарди евра, а заклучно со 31 декември осигурените депозити изнесуваат 2,5 милијарди евра.
Заклучно со 28 февруари 2021 година Фондот за осигурување на депозити исплатил близу 58 милиони евра или 86,04 отсто од вкупната обврска за обесштетување на депонентите на Еуростандард банка во стечај во износ од близу 68 милиони евра.
Вкупните парични средства во Фондот изнесуваат 4,9 отсто од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во државата, што е над законски утврдениот минимум од 4 отсто. Доколку се случи да се намалат средствата под овој законски утврден минимум, имаат на располагање механизам за зголемување на премијата која ја наплатува од членките, која во моментот изнесува 0,25 отсто годишно од вкупните депозити во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница.