Одложените шоуа на „Глумците пеат“ презакажани за 8 и 9 јуни


Двата шоуа „Глумците пеат“, кои требаше да се одржат на 8 и 9 април во Македонскиот народен театар (МНТ), се одложуваат за 8 и 9 јуни во истата сала (20:30 часот).

„Купените влезници ќе важат за новите датуми и не треба да се заменуваат. За оние на кои новите датуми нема да им одговараат, возможна е рефундација и тоа на продажните места каде што се купени, во периодот од 28 март до 10 април. За МНТ ќе треба да се обратат на билетарницата на МНТ, а за МкТикетс треба да се испрати барање на [email protected]. Преостанатите влезници се во продажба. Во моментов нема влезници за 8 јуни, но ако се ослободат, навремено ќе известиме“, велат организаторите.

Култни филмови со кои пораснале многу генерации ќе бидат тема на „Глумците пеат“. Најавени се околу 25 точки со различна приказна. Режисер на шоуто и годинава е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот кој ќе свири е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, а кореографијата на Олга Панго.

Ова е трето возобновено издание на манифестацијата која ја создаде актерот Марин Бабиќ, кој почина во октомври 2022, а неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја организираат во негова чест. Во 2023, „Глумците“ се вратија на сцената по 17 години пауза.