Одлежи машки


ФРОСИНА ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Пред десетина години кога притворот беше казна, а не мерка за обезбедување, никој не ни помислуваше дека тркалото ќе се сврти и дека дел од оние кои нарачуваа пресуди за уапсените во големите полициски акции и важеа за недопирливи, еден ден ќе стигнат во Шутка.

Иако новинарите никогаш не ги видоа со лисици на рацете, ниту поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, ниту бизнисменот Орце Камчев, сепак легендата вели дека неколку месеци и тие поминаа во притвор. А најмногу во притвор помина поранешниот министер Миле Јанакиески, кој речиси и да нема случај, а да не е обвинет. Еден обвинет го бранат по неколку адвокати кои ги искористија сите права што им ги дава законот на обвинетите.

Никој од нив не е правосилно осуден на затворска казна, но не го издржаа ни притворот кој им се одредуваше повремено, а им се укинуваше волшебно.
Пред да почнат судските процеси поранешната министерка, Гордана Јанкулоска остана бремена и во ниту еден случај не и беше одреден притвор, за разлика од притвореничката, поранешна вработена во А1 телевизија и обвинета во случајот „Пајажина“, која го изгуби бебето во Шутка.

Другите обвинети кои и беа блиски на „фамилијата“, или избегаа или ги фати епидемијата на разболување. Сеад Кочан секогаш кога треба да оди во затвор завршува во болница, Јанакиески го фати срце во притвор, а на Мијалков желудочните киселини почнаа да му се накреваат, па мора да оди на операција во неговата омилена Прага. И, како што вели сегашната власт, секој има право на хуман третман, но од големо почитување на правата поранешниот премиер, кој сегашната власт го претставуваше како најголемо зло, ни избега во Будимпешта.

А во негово време во меѓународните извештаји беше напишано дека во Македонија има политички затвореници. Прво се радуваа на апсењето на поранешниот министер, Љубе Бошкоски кој откако се врати од затворот во Хаг, продолжи во „Идризово“ каде помина пет години. А најтрогателните животни приказни јавноста ги слушаше во случајот А1, кога речиси сите блиски соработници на Велија Рамковски, па дури и неговата ќерка, завршија во затвор заедно со него.

Емел Рамковска „машки“ ја одлежа шестгодишната затворска казна и за време на судењето, па се до правосилноста на пресудата не излезе од притвор, иако бараше барем домашен притвор за да ги гледа и воспитува своите три деца. Сите соработници на Рамковски, иако најголем дел беа колатерална штета, ги одлежаа затворските казни до последен ден. И нивните деца беа или без мајка или без татко, кои ги гледаа како растат од зад решетки. Можеби за некои од оние кои беа апсени во времето на Груевски постојат докази дека сториле некаков криминал, но впечатокот дека се апселе на голема радост на Груевски или Мијалков, ги руши сите докази.

Сега, пак, откако граѓаните повеќе од деценија чуствуваа дека некој им дише во врат и дека им ги трошел нивните пари недомаќински, сегашните правосудни органи не можат или не сакаат да најдат цврсти докази и да завршат со циркузот. Додека се докаже нивната вина и тие ќе станат политички затвореници кои одат во притвор по потреба на власта. Орце Камчев дури стана и жртва, ги спаси бизнисмените и му се пожали на премиерот дека Боки 13 му земал мито. И кога ќе се поврзат работите, на крајот, Орце Камчев го реши СЈО, наместо СЈО да го реши Камчев.

За рекетот ќе одговараат Зоки и Боки, а од власта засега никој не е чепнат, иако тие го пораснаа Боки и му ја билдаа неговата брзорастечка телевизија. Специјалната обвинителка Катица Јанева, која премиерот до пред неколку години упорно ја бранеше, сега ја пушти низ вода. Јанева си даде оставка иако беше убедена дека пак ќе конкурира за челната позиција на СЈО.

Не само што ќе ја сменат туку ќе си замине со голем товар на сомнеж, иако не е осомничена во случајот. Сомнеж дека и таа учествувала во рекетирањето и уценувањето на бизнисмените, а за кратко време конечно ќе се прозбори и за нејзиното авторитарно однесување во СЈО. Сепак власта треба да покаже дека системот функционира, дека секој што го прекршил законот ќе одговара. Бидејќи правдата не е договор.