„Оди роди дете, не да мудруваш“ – и жени ги навредуваат жените во политиката

Самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употреба на сензационалистички јазик


Фото: Б. Грданоски

Навреди за изгледот, за приватноста, сексизам, мизогенија, па и закани, се нешто што редовно стигнува на адреса на политичарките без разлика од која партија доаѓаат. Најчесто се преку социјалните мрежи, а најлошо е кога „сочните“ зборови се кажани од исто така – жени.

„Најчесто се епитети на животни, нормално секоја жена мора да е к….а итн. Коментар кој не беше можеби толку навредлив, но е крајно безобразен беше следниот: „Оди роди дете, не да мудруваш.” Никој нема право да сугерира како некој ќе го живее својот приватен живот, особено не за прашање за кое причините може да се многу лични или интимни“, вели Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка.

Моника Зајкова (Фото: Б. Грданоски)

Таа вели дека навредите најчесто доаѓаат од луѓе кои не ја ни познаваат лично, од лажни профили или партиски „ботови“, кои се обидува да ги игнорира. Ако има закани, ги пријавува во полиција.

„Има и многу навреди од жени. Тоа е уште позагрижувачко кога ќе видам на слика жена која за друга жена дава коментар од типот на козо една, к…а, оди дома зготви ручек, роди дете итн. Истото важи и за мажи кои кога ќе ги отворите на слика и ќе видите дека имаат ќерки. Ние може да говориме на Конференции за женската солидарност, за подавање рака, но сеуште во пракса жената на жена е волк (човек на човека му е волк)“, вели Зајкова.

Со нешто слично се соочила и Снежана Калеска Ванчева, до неодамна пратеничка на СДСМ во собранието. „Кучко северџанска”, „Бабо една, оди чувај внуци и не треси зелени”, „Гуско една, што знаеш ти што е политика”, „Да те обесат на споменикот на Аце и да висиш со главата надолу”, се дел од навредите што Калеска Ванчева ги сподели со нас.

Снежана Калеска Ванчева (Фото: Б. Грданоски)

„Најчесто сум се соочувала со говор на омраза во форма на сексизам, мизогенија, но и говори кои во себе содржеле закани по животот и телото. Ги слушам и лично, но најмногу преку социјалните мрежи. Научив да се справувам на начин што не одговарам, а секако користам и алатки како што е блокирањето. Но најтешко се справувсм кога се упатени директно, односно лично во лице“, ни рече Калеска Ванчева.

Рашела Мизрахи, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека во политиката, генерално, навредите кон жените далеку се разликуваат од непријатностите со кои се соочуваат колегите од другиот пол.

„Целта на индивидуите кои сметаат дека жената политичар ќе ја дискредитираат со мизогинија или сексизам е да создадат перцепција кај жените кои не се активни учесници на политичката сцена дека таа сцена ќе ги изложи на психолошка тортура, па истите затоа никогаш и нема да посакаат да имаат активно учество во носењето на општествени одлуки. Односно, нивната порака е всушност дека ‘тивкиот медиокритет’ е местото во кое жените се безбедни. Јавното и отворено спротивставување кон овие насилници и истакнување на фактот дека жената во политиката е еднакво способна и силна, за мене е добар одговор на мизогинијата и сексизмот. Впрочем полот ниту е фактор кој детерминира способности ниту ограничувања“, вели Мизрахи.

Рашела Мизрахи – (Фото: Б. Грданоски)

Мерсиха Смаиловиќ е долгогодишна активистка во невладиниот секор. Беше кандидатка за претседателка на државата на последните претседателски избори.

„Секогаш сум се соочувала со коментари на сметка на мојот изглед. Тоа што им сметало е мојот надворешен изглед, марамата и мојата верска припадност, со што етикетираат цела една верска група. На жената со марама не и место во политика, беше најчестиот коментар со кој се соочив и дека ‘не ми личи да сум на политичка функција’“, сподели Смаиловиќ.

Дури и припадници на нејзината верска определба се приклонуваат кон таквите коментари и ги поддржуваат.

„Во помал број се жените тие кои коментираат, но иако мислат како мене не даваат поддршка. Се плашат дека и тие би биле цел на отфрлање. Пред неколку години, кога бев под силен удар тоа влијаеше на мојот психички момент и на мојата позиција и придонесе да се повлечам од политичка партија и да бидам што помалку присутна во јавноста. Тоа повлекување ми одговараше, па тие две години повлеченост ми дојдоа добро за подоцна повторно да се активирам“, вели Смаиловиќ. 

Мерсиха Смаиловиќ

Во 2020 година, кога таа се појави на прес-конференција на политичка партија, неколку медиуми известија дека жена со марама ќе ја наруши секуларноста на државата ако биде претставник на политичка партија. Дури и голем број припадници на муслиманската вероисповест се приклучија кон тоа размислување, затоа што сметаа дека жена треба да седи дома. Тогаш и се појави хаштагот со поддршка за солидарност #сонеасме.

Но, по кандидатурата за претседателка на државата Смаиловиќ добила поддршка од многумина на кои им годеше да има некој неприпадник на големите партии туку претставник на помалите.

„Сфатив дека сме созреале како општество или можеби досега се навикнале на мене и на мојот изглед“, вели таа.

Според неа, жените во политиката добиваат малку клучни позиции затоа што прво ја немаат положбата во своите партии, па секогаш се бира некој маж, кој може да седи до 2 часот во кафеана каде може да разговара на најразлични теми, а дополнително и корупцијата, местенките, „се обрасци на однесување кои не им се својствени на жените, па затоа мажите ги држат високите позиции“.

 

Фото: Фејсбук профил на Дафина Стојановска

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека најмногу изненадена и повредена била од односот на поранешниот вицепремиер Маричиќ. Во септември минатата година, Стојановска го обвини Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи на седница. Маричиќ демантираше.

„Во парламентот, освен колегите од Левица сметам дека никој не си дозволил да се обраќа недолично со вулгарни или навредливи зборови. Тој што користи такви зборови најчесто нема аргументи и со тоа ја покажува слабоста и немоќта“, вели Стојановска.

По формирањето на новата влада, Платформата за родова еднаквост изрази сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување. Претходната влада имаше скромна помалку од една третина застапеност на жени во министерски улоги (5 од 16 министерства). Сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само 3 жени земаат министерски позиции од вкупно 24 (или само 13%).

Според истражувањата на Платформата, една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката е недостатокот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклученост на жените во процесите кои подразбираат моќ на индивидуално одлучување.

„Овие пречки потекнуваат од вкоренетите родови стереотипи и одбивањето правично да се распредели моќта за одлучување. Таквиот отпор е штетен, не само за жените, туку и за општеството како целина, бидејќи го попречува решавањето на прашања клучни за подобрување на квалитетот на животот на барем половина од населението. Северна Македонија може да се пофали со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, потсетуваме дека прашањето на недоволно политичко учество не е поврзано со недостатокот на амбиција или образовна квалификација кај политичарките, туку истите се соочуваат со системски бариери и постојано обесхрабрување од професионалната сфера, јавноста и приватната околина, што го задушува нивниот политички ангажман“, соопштија од Платформата на 26 јуни.

Анализата, пак, на родово-базирани медиумски содржини „Политичарките и медиумската пристрасност“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја изработи за периодот од март до мај 2024 година, односно од официјалниот рок за доставување на претседателските кандидатури до Државната изборна комисија на 19 март, до вториот круг од претседателските избори на 8 мај, што се совпадна со парламентарните избори, покажа дека и самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употреба на сензационалистички јазик.

„Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера“, пишува во анализата.