Одбраната на Палевски бара ослободителна пресуда; Манев: Испаднав будала

Во моментов во Кривичниот суд адвокатот на првоосомничениот Љупчо Палевски ги чита завршните зборови со кои се спротивставува на обвинението за двојното убиство и киднапирањата на Вања и Панче.
Од Судот побара да го ослободи Палевски бидејќи немало докази дека тој учествувал, соработувал и го потикнувал грозоморниот чин, со тоа целата вина ја префрли кон неговите сопартијци од Десна, Манев, Кешишев, Видевски.
„Предлагам обвинетиот Љупчо Палевски да се ослободи од вина, бидејќи според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Околу целата постапка ниту преземал одредени дејствија кои му се ставија на товар со другите обвинетите, а ниту поттикнал, ниту наведувал другите обвинети да сторат нешто. Иако истрагата не беше почната, пресудата беше донесена, а медиумите истото го пренесуваа без пресумпција на невиност. Јавноста креираше јавно мислење со предвремена пресуда за обвинетиот. Обвинителството не докажа ниту разумно сомневание ниту докажа тоа што му го става на товар на Љупчо Палевски“, рече Страшевски во завршниот збор.
Адвокатот Јовица Страшевски рече дека во текот на постапката било прекршено начелото на еднаквост на оружјата и тоа ќе биде основа за идните жалби пред повисоките судови и мeѓународниот суд за човекови права.
Страшевски тврди дека ОЈО нема никаква трага и доказ против Палевски, а тоа веќе го знае и јавноста, вели Страшевски.
„Се поставува прашањето зошто е убиена Вања, а не Миња, ќе додадам. ОЈО не докажа зошто било грабнато девојчето. Бев често прашуван како адвокат, зошто киднаперите се одлучиле да ја грабнат Вања, или биле двете девојчиња? Прашања кои не беа одговорени ниту од МВР ниту од ОЈО. Дали Кешишев тргнал со полицијата да го откопува телото на Вања и дали притоа свесно биле уништени голем број докази?“, рече Страшевски.
Претходно, завршен збор даваше и обвинетиот Велибор Манев, кој се товари за учество во киднапирањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Тој изјави дека негира дека сторил убиство, но призна дека учествувал во дел од настаните и тврди дека бил манипулиран и уценет од Љупчо Палевски.
„Од почеток одлучив да ја кажувам вистината, без разлика на казната. Не негирав ниту една снимка, потврдував присуство и објаснував детали за да добие судот јасна слика,“ рече Манев.
Тој посочи дека Обвинителството упорно се обидува да го прикаже како дел од организиран план за убиство, што според него не е точно. Претходно, во неговите искази, Манев тврдел дека не знаел оти Палевски планирал убиства и дека, доколку знаел, не би копал три метра длабока дупка „со табаници и капак“.
„Не би направил земуница како за таен бункер ако знаев дека лицето ќе биде убиено. За мене, тоа беше операција за грабнување и изнуда пари од ќерка на фармацевт, како што тврдеше Палевски,“ рече Манев.
Обвинетиот истакна дека Обвинителството нема конкретни докази за соработка со лицето Сашо, ниту дека тој лично го познава, туку дека целата врска се темели на присила и манипулација. За убиствата рече дека тој и останатите обвинети биле во целосен шок, откако Палевски „ги извршил ладнокрвно, без претходна најава“.
„После убиствата, ја чував снимката од мојот ресивер. Можев да ја избришам, можев да ги исклучам камерите – но тогаш ќе му давав алиби на Палевски,“ рече Манев.
Спомена и дека бил уценуван и заплашуван со животот на своето семејство. Го посочи и случајот со „плавиот ранец“ за кои се тврдеше дека во него било оружјето, за кој рече дека Палевски му дал наредба да биде пренесен или уништен по неговото бегство од државата. Притоа, го спомена и лицето З.Д., вработен во Народна банка и член на политичката партија Десна.
„Бев само алатка – шест години го поддржував, му ја давав душата, го вадев од затвор, трчав по адвокати. За крај, ме напика во затвор за нешто што не сум ни замислувал“, изјави Манев.
Своето излагање го заврши со каење и лично признание дека чувствува голем срам и душевна болка.
„Испаднав наивна будала која си го уништи животот. Загубив пријатели, доверба и себе си. Простете ми,“ заврши Манев, очекувајќи ја пресудата.
Денешното рочиште треба да биде последно пред објавување на пресудата.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.