Одбиени сите амандмани на СДСМ на законите за полицијата и за внатрешни работи


На денешната седница на собраниската комисија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги одбија сите амандмани поднесени од страна на СДСМ на измените на  Законoт за полиција и Законoт за внатрешни работи, што опозициската партија ги оцени како скандалозни. Пратеникот Миле Талески реагираше за тоа преку прес конференција .

-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не  само што гласаа за партизација на полицијата, туку станаа соучесници врз растирањето на најважниот дел од безбедниот систем, полицијата и Министерството за внатрешни работи. Ударот што врз полицијата и професионалците во полиција го спрема Тошковски е удар и врз безбедноста на граѓаните и врз демократскиот поредок на земјата, оцени Талески.

Амандманите на СДСМ се однесуваа на задржување на кариерниот систем, професионалноста и институционалниот интегрирет на полициската униформа.

-Намерата на Тошковски е целосна демонтажа на функционалната структура на полицијата и создавање партиска милиција под негова контрола. Баравме соодветна класификација на работните места во  МВР, за да спречиме хаотично и селективно вработување само по партиски клуч. Баравме задржување на регионалните гранични центри за да ја сочуваме безбедноста на границите и да не дозволиме мигранти во иднина.

СДСМ преку конкретни и разумни амандмани вложи напор да се задржи професионалноста и функционалноста на МВР. Но ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите наши предлози – свесно, по налог, со политичка цел. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го следеа партискиот интерес наместо интересот на граѓаните и на државата.Забораваат дека на овој начин стануваат и тие заложници и идни жртви на Тошковски по рецептот на Никола Груевски.

Како во времето на Груевски, и сега се воспоставува систем на контрола, притисок и уцени. Никој нема да биде поштеден – секој што нема да слуша ќе биде таргетиран. Ова е директен удар врз професионализмот и деполитизацијата на полицијата за која сите се боревме години наназад. Очигледно по секоја цена Тошковски сака полиција за заштита на мафијата на власт.

Граѓаните веќе видоа што значи полициски систем под команда на партија – злоупотреби, прислушувања, тортура, заплашувања. Тоа време никогаш повеќе не смее да се врати. Ги повикуваме сите слободоумни граѓани, невладини организации, меѓународни претставници да го кренат својот глас против создавањето партиска милиција, против ова рушење на еден од столбовите на демократијата.СДСМ и понатаму ќе се спротивставува на секој обид за назадување, за враќање во режим. Ќе се бориме за професионална, транспарентна и деполитизирана полиција – онаква каква што им треба на граѓаните и државата, порача Талески.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека завршило времето на шиканирање на професионалците во Министерството за внатрешни работи.

-Заврши времето на шиканирањето на професионалците во Министерството за внатрешни работи.Заврши времето на Оливер Спасовски, кога полицајки сами се удираа од пајак возила. Заврши времето кога Спасовски, наместо да ги заштити полициските службеници, се ставаше во служба и заштита на криминалци и насилници. И откако СДС на чело со Оливер во МВР, министерството го претворија во служба со која царувале криминалците, сега жолчно се борат против закони кои го враќаат професионализмот на полициските служби.

СДС за седум години МВР го стави во служба на мафијата и нивен заштитник, така што на 215 белосветски криминалци и наркобосови и додели македонски пасоши, наместо да биде во служба на заштита на безбедноста на граѓаните и државата.

Откако за седум години власт, СДС ги остави полициските службеници без основни средства за работа, дури и без униформи, сега од опозиција се буни и му смета вреднувањето на трудот и посветеноста на професионалците.СДС кој што не може да излезе од сенката на Зоран Заев и кој сеуште раководи од партијата, може да измислува, критикува и да се обидува да манипулира со јавноста колку сака, тоа не му поминува, велат од владеечката партија. 

Според нив, законските измени што се носат се исклучиво за подобрување на состојбите во безбедноста и полициските служби и МВР се отвора за професионалците.

-Се дефинираат професионални и специфични критериуми за директори, кои ќе се именуваат исклучиво со искуство во полициските работи.Се отвораат нови полициски станици и се усогласува внатрешната организација и нормативното уредување со новиот концепт на управување во полицијата. Институционалниот пустош кој СДС го остави, полека се санира и средува, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.