Одбележани три децении дипломатски односи со Словенија


Односите на Северна Македонија и Словенија се многу повеќе од политичка, економска и културна соработка. Тие се темелат на блискоста на народите, и доказ дека минатите врски можат успешно да се обноват и да се надградат, порачаа денеска учесниците на настанот за одбележување на 30-годишнината од воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји.

Република Македонија и Република Словенија ја воспоставија својата државност и независност за време на големите геополитички промени. Притоа нив ги обединија заедничките вредности, демократија, почитување на човековите права, пазарната економија и желбата за интегрирање во евроатланските структури, како и националната гордост и културното богатство. Воспоставувањето диломатски односи на 17 март 1992 година испрати важна порака до земјите од регионот и пошироката меѓународна заедница дека минатите врски може успешно да се обноват и да се нагрдадат, порача во видео обраќање словенечкиот министер за надворешни работи на Словенија, Анже Логар.

Според него, самостојноста и независноста на двете земји дополнително ја зајакна меѓусебната доверба, искреното пријателство и соработката на повеќе нивоа, кои претходно, како што рече, беа карактеристични за односите меѓу двата народа.

-За жал годишнината се одбележува во временски период со помалку оптимизам и позитивен дух отколку што владееше во Европа и светот пред три децении. Сепак нашиот обединет и координиран одговор на руската воена агресија против Украина покажа дека и во овој историски клучен период двете земји споделуваат исти вредности и оти се на вистинската страна на историјата, рече Логар, додавајќи дека затоа е уште поважно земјава што поскоро да почне со пристапни преговори со ЕУ, пат на кој, како што нагласи сегогаш ќе ја има поддршката од Словенија.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи во обраќањето нагласи дека е неспорно оти двете земји имаат традиционално пријателски односи кои се производ на стабилност, на блискост меѓу народите, меѓу граѓаните и, како што рече, овој искрен однос се пресликува и на политичката соработка меѓу двете земји.

-На овие основи денеска ги градиме и новите сојузништва остварувајќи ја со тоа и амбицијата, која ги одбележува нашите дипломатски односи во изминатите три декади за заедничка европска и евтоатлантска иднина, рече Османи.

Тој потсети дека Република Словенија беше меѓу првите земји кои ја признаа земјава и иако, како што рече, од оваа дистанца тоа можеби изгледа како обична билатерална постапка, за тогашни околности била суштинска придобивка, која значела отворање на еден процес на наше меѓународно етаблирање.  

-Република Словенија е првата земја која воспостави дипломатски односи со нас и првата која отвори амбасада во земјата. Во иста насока Љубљана е токму првиот политички центар каде и ние отворивме амбасада. Збир од сега веќе историски факти кои кристално јасно ги отсликува пријателските односи не само меѓу двете земји во политичка смисла, туку и близината на народите на двете земји на нејзините граѓани, нагласи Османи.

Овие односи, додаде тој, се рефлектираат и денес кога, како што рече, заеднички се соочуваме со современите предизвици да го заокружиме процесот на целосна интеграција на регионот во рамки на ЕУ заокружувајќи го со тоа и процесот кој го започнавме пред 30 години за целосна евроатлантска ориентација на целиот регион.  

-Денес сме повторно заеднички како НАТО-сојузници и повторно заеднички ги делиме и успесите и предизвиците со кои се соочуваме. Како земја-кандидат за членство во ЕУ ние сме на самиот праг пред последната фаза – таа на преговорите по што нашето пријателство ќе го заокружиме и во рамките на европското семејство на држави, рече министерот за надворешни работи додавајќи дека и контекст на сегашните случувања се повеќе станува јасно дека заокружувањето на ЕУ не претставува само административно и политичко прашање, туку пред се суштински придонес за регионалната и европска стабилност.

Словенечкиот амбасадор Милан Предан, во обраќањето нагласи дека односите меѓу двете земји и двата народа ги карактеризира долга историја на искрено пријателство и партнерство.

За ова, како што нагласи, најмногу говори реакцијата на граѓаните од земјава при пречекот и испраќањето на словенечките пожарникари кои помагаа за гаснење на пожарите во беровско. Тоа, рече, е најголем доказа дека нашите односи се повеќе од политичка, економска и културна соработка.