Одбележани 82 години од востанието во Варшавското гето (фото)


Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје денеска беа одбележани 82 години од Јом Хашоа – национален комеморативен ден во Израел посветен на херојството на заробениците во Варшавското гето кои се побуниле против нацистичкиот терор кревајќи востание во април 1943. Беше отворена и изложба на ликовни дела од ученици од основни училишта која се организира по 12-ти пат по повод овој ден.

Пораки дека холокаустот е лекција што не смее да ја заборави човештвото упатија претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, и амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора. 

Леви рече дека сеќавањето на холокаустот е единствена шанса за спас од други катастрофи и дека Државата Израел е „тажна и им оддава почит на недолжните шест милиони Евреи“. 

Како што рече, тука е и Република Северна Македонија која „рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит и на своите 7144 Евреи жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта Треблинка“. 

Леви во оваа пригода ги запали шесте меморијални свеќи со порака дека жртвите нема да бидат заборавени и дека нивното наследство ќе се одржува во вечна меморија. 

Амбасадорот на Полска Бримора посочи дека иницијативата во спомен на  жртвите во холокаустот, под слоганот Remembering Together, е сеќавање на сите жртви вклучувајќи ги Евреите од Скопје, Битола и Штип убиени во Треблинка. Тој ја поздрави иницијативата за организирање изложба на трудови од ученици посветени на темата холокауст како начин тоа да да се зачува од заборав. 

На изложбата беа претставени 60 од 98 ликовни творби пристигнати на конкурсот „Холокаустот низ призмата на детските очи“ кој по 12-ти пат го организираа Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Тема на годинашниот конкурс беше „80 години од ослободувањето на Аушвиц“. Стручното жири за три најдобри ги избра ликовните творби на: Кристина Маркоска од ООУ „Коста Рацин“  во село Брвеница, Анастасија Гацов од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани и  Божица Ивановска од ООУ „Илинден“ од Крива Паланка. 

На комеморативниот ден Јом Хашоа се одбележува одлуката од 19 април 1943 на Евреите од Варшавското гето да изберат достоинствен начин да умрат. Две востанички групи на Евреи со околу 700 борци предводени од 24-годишниот Мордехај Хаим Анилевиц повеќе од три недели се бореле со нацистите кои во текот на востанието убиле над 7000 жители на гетото.

Околу седум илјади Евреи депортирале во Треблинка, а 42 000 преживеани Евреи од Варшавското востание завршиле во Мајданек и Лублинка. Борците на Варшавското гето извршиле колективно самоубиство. 

Како што рече Леви во освртот за настаните пред 82 години, на 16 мај 1943 нацистичкиот генерал Строп, именуван за оваа операција од Хајнрих Химлер, објавил дека востанието во Варшавското гето е задушено. 

-Тој ја прослави својата крвава победа со уништување на големата синагога во Варшава која беше надвор од ѕидовите на гетото… Билансот на востанието е катастрофален – над 50 илјади Евреи се директни жртви на востанието, а од Варшавското гето, од неговото основање на 12 октомври 1940, во логорите на смртта завршиле околу 400 илјади Евреи, додаде претседателот на Еврејската заедница во Македонија.