Од вувузелите, навредите и заканите расправата во Собранието стана бесмислена
„Нема да има милост за никого“, се закануваа опозициските пратеници, па му се нафрлија на Павле Трајанов кој рече дека треба да се оди напред
Она што требаше да биде соочување на аргументи, па и можно усогласување на консензуални заклучоци на Собранието што треба да ѝ бидат доставени на Владата околу француско-европскиот предлог за кревање на бугарското вето, се претвори во заглушувачка еднострана „дискусија“.
Поради жестокиот звук на вувузелите и свирчињата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на телевизискиот пренос можеа да се слушнат само дебатите на опозицијата, додека репликите на пратениците од мнозинството беше исклучително тешко да се разберат. Или да се забележи по некоја реченица од нив. Тоа се претвори во узурпација на пленарната сала, во која треба да биде слушната само една страна во дебатата која ја вжешти поларизацијата во македонската јавност.
На новинарите и јавноста им остана само да ги слушаат излагањата на пратениците на опозицијата кои беа преполни со навреди и закани за мнозинството, премиерот и министрите, заедно со обвинувања за национално предавство од највисок степен, како и ставови дека „нема да има милост за никого“. И дека Македонија е „заморче на Европската унија“, проследено со жестоки антиевропски ставови.
Надвор од навредите и заканите нишката кон која се држи опозицијата е дека Собранието не може да се вмешува во одлуката за усвојувањето на преговарачката рамка и дека за тоа единствено е надлежна владата. Заклучоци предложи СДСМ со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ. Предлог-заклучоци достави и Павле Трајанов од ДС.
Токму дискусијата на Трајанов, во која тој зборуваше дека треба да се оди напред кон ЕУ и дека претседателката на Европската комисија во својот говор во Собранието, Урсула фон дер Лајен, дала уверувања дека македонскиот јазик и идентитет ќе бидат зачувани во преговорите со ЕУ, беше повод за бројни реплики на ВМРО-ДПМНЕ и омаловажувања кон лидерот на ДС. Како и вчера, така и денеска кога зборуваше Трајанов не ечеа вувузелите, а опозициските пратеници го повикаа лидерот на ДС да ја напушти владата и дека имал време да каже „не“. Кога опозициските пратеници велеа дека натаму нема да има милост спрема оние што ќе го прифатат предлог, Трајанов реплицираше дека доста е со тешки зборови и дека е време да се тргне на патот напред. „Дегутантно е вие да ни зборувате за европски вредности“, му одговараа пратениците од опозицијата на Трајанов.
Од она што можеше да се разбере од некои од репликите на пратениците од мнозинството беше дискусијата на висок тон од Санела Шкриељ, која обидувајќи се да ги надјачи вувузелите рече: „Антиевропска коалицијо, кукавици, ксенофоби и криминалци, можете да урлате и да свирите колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат на оваа држава, притоа зачувувајќи го македонскиот јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет. Преговори за влез во Европската унија како Македонци, со чист македонски јазик, не е асимилација. Асимилација е да им ја одземете иднината на илјадници млади, да бидат принудени да вадат пасоши од други држави на ЕУ за да можат да ги користат придобивките на Унијата“.
За дискусија се пријавени 42 пратеници, до пладневната пауза поминаа петнаесетина. (Љ.П.)