Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат зошто ИРД добила тендер: Секоја фирма може да добие
ВМРО-ДПМНЕ во реакција до медиумите објаснува зошто фирмата која што додека беа во опозиција ја напаѓа како криминална, сега добила на тендер.
„Тоа што секоја фирма може да добие тендер говори дека институциите се слободни, а постапките транспарентни, а не наместени како со СДС“, се вели во соопштението до медиумите.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ИРД не е фирмата на Сотир Ампов, ниту фирмата која од фирма за долна облека станала надзор, туку фирмата која била во конзорциум со истата.
„Тоа што МЖ Инфраструктура овозможила фер и транспарентна постапка во која може да добие и фирма со која СДС ја искористила во правење на разни бизнис шеми говори за тоа дека директорите во институциите поставени од ВМРО-ДПМНЕ не се занимаваат со местење тендери на подобни или неподобни фирми“, велат од партијата додавајќи дека сите фирми имаат еднакви шанси да бидат избрани доколку условите кои ќе ги понудат се конкурентни.
„А што се однесува за фирмите на Сотир Ампов, Електра солушн и Институт за патишта, остануваме на нашите ставови и очекуваме ЈО да постапи“, се вели во реакцијата.