Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје“


Од визија до реалност: „Демир Капија заштитено подрачје “, е првиот од низата културни настани преку кои јавноста ќе има можност да се запознае со иницијативата за прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.

Информативниот културен настан ќе се одржи во сабота во Градскиот парк во Демир Капија, со почеток во 14 часот.

Настанот ќе биде отворен со изложба на фотографии од природните убавини на Демир
Капија. Потоа следува свечено отварање и вовед во иницијативата „Заедно за реките“, и
најава на следни активности во процесот на прогласување на заштитено подрачје.
Во вечерната програма ќе се одржат концертите на групата „Љубојна” и „Летечки
пекинезери”.

Иницијативата „Заедно за реките“, има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки
низ нашиот регион. Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на
природата The Nature Conservancy, а партнери се Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест “од Македонија, Центарот за заштита на животната средина и здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, Еко-тим од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.

Во рамките на оваа Иницијатива „Еко-свест “, во соработка со Општина Демир Капија и
Министерството за животна средина и просторно планирање, ја започна постапката за
репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, со што ќе се
обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти
и недопрени притоки.