Од утре, бојкот на наставата во „Лазо Ангеловски“ – над 1.500 ученици ќе останат дома


Фото: Независен

Да се бојкотира наставата, односно ниту еден ученик да не оди во училиште од утре до решавање на проблемот со насилниот ученик од трето одделение, одлучи Советот на родители од ООУ „Лазо Ангеловски“ на вечерашната вонредна седница.

– Овие денови постојано се вперува прстот кон „Лазо Ангеловски“ и локалните служби на оваа образовна институција. Нели е за поздрав тригодишната сага на службите на училиштето, децата и родителите? – прашуваат од Советот на родители на „Лазо Ангеловски“.

Додаваат дека ова училиште на општеството му има дадено: спортисти, музичари, градоначалници и т.н., зарем не сме заслужиле поддршка од релевантните институции кои гласно ги молиме веќе три години за помош во целиот случај.

– Ресорниот министер изјавува дека нема ингеренции, инспекторатот не задолжува нас како училиште да го решиме проблемот, а сите оние институции кои навистина треба да помогнат на посочениот ученик, а и на сите останати ученици мудро ја префрлаат топката еден на друг при тоа не изнаоѓајќи соодветно решение.
Секое дете има право на образование и е задолжително, факт кој што и ние денес истото го потврдуваме и за истото се бориме, но при тоа да не заборавиме дека ништо и никој не смее да го наруши образовниот процес.
Бојкотот е последниот чекор кој го правиме бидејќи веќе немаме избор за да не слушне јавноста и да ги повикаме уште еднаш сите релевантни институции да бидат партнер и да ја дадат поддршката на училиштето со цел да му помогнеме на ученикот и да ги поддржиме неговите родители во надминување на ситуацијата и целосна социјализација на ученикот во воспитно-образовниот процес, а со тоа ќе постигнеме и безбедна училишна средина за сите останати ученици – додаваат од Советот.

Претходно ги информираа родителите и училиштето, дека на вечерва одржаната вонредна седница донеле одлука, по анкетата спроведена меѓу сите одделенија за отпочнување на бојкот на наставата почнувајќи од утре, 5.12.2024 година. Согласно донесената одлука апелираме како совет утре сите ученици да останат дома и да им дадеме можност на надлежните да изнајдат решение за проблемот со кој се соочуваме а од кое ќе бидеме сите задоволни и ќе ги пуштиме нашите деца на настава без притоа да се грижиме дека истите безбедно ќе се вратат дома. Одлуката за бојкот се однесува за 5.12.2024 година – четврток и важи за сите одделенија од 1-во до 9-то. Во текот на утрешниот ден, допопнително преку преставниците, ќе биде споделена информација до сите вас за преземените чекори кои ќе се однесуваат на периодот кој следи“, се вели во заклучокот на Советот.

Според нив, се очекува да биде спроведена одлуката од Министерството за образование со кое се предлага проблематичниот ученик да ја промени средината, односно да биде префрлен во друго училиште, затоа што останувањето во „Лазо Ангеловски“, не е добро ниту за него, ниту за останатите ученици.

Има информации дека за утре закажан е состанок во МОН, па формираната Комисија од страна на министерството да донесе соодветни заклучоци и да даде насоки, по што останатите ученици од „Лазо Ангеловски“, би се вратиле на настава.

Проблемот со овој третооделенец, ексалираше откако центарското училиште „11 Октомври“, одби да го прими ученикот кај нив на настава. Родителите на учениците од „11 Октомври“, веќе неколку дена не ги пуштаат учениците од прво до четврто одделение во училиште, откако разбраа дека се работи за проблематичен ученик, а ним им се придружија и неколку од повисоките одделенија.

Исписница од „Лазо Ангеловски“ побарале родителите на детето, а кога ја однеле во „11 Октомври“ директорката најпрво ја прифатила, за подоцна, откако дознала дека се работи за проблематичен ученик, ја повлекла согласноста. Во моментот ученикот останува запишан во „Лазо Ангеловски“ и покрај препораките на социјалните служби детето да ја смени училишната средина. 

Проблематичниот третоодделенец утрово се појави на часови во „Лазо Ангеловски“ соучениците си заминуваат

ООУ „Лазо Ангеловски“ е едно од најголемите училишта, каде настава посетуваат повеќе од 1.500 ученици од прво до деветто одделение.(Б. Б.)