За УПОЗ изјавите на Ангеловска за платите на администрацијата се неодмерени
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска реагира на ставот на министерката за финансии Нина Ангеловска за кратење на платите во јавната администрација.
За Синдикатот, ваквиот предлог е неоснован, неприфатлив и неполезен. Ова, оценуваат од Синдикатот, ќе биде потег без ефект, а кратењето на платите на администрацијата нема да направи значителна заштеда во Буџетот на државата, туку ќе биде одмазда и задоволување на барањата на дел од бизнис заедницата.
– Ваквите неодмерени изјави на министерката за финансии покажуваат основно непознавање за тоа што е јавна администрација, а што јавен сектор и за тоа колкав е износот на платите во администрацијата. Чистата нето плата на вработените во администрацијата во групата Г (референти) која е најбројна во администрацијата е следната: 14.518,00 денари за помлад референт, 14.888,00 денари за референт, 15.681,00 денари за виш референт и 16.474,00 денари за самостоен референт. Затоа прашуваме, од што, од кого и колку ќе крати министерката, се наведува во соопштението.
Со евентуалното кратење на платите на вработените, сметаат од Синдикатот, ќе се намали куповната моќ на вработените и ќе бидат погодени најранливите категории од вработени, особено самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живеат под кирија и оние кои се единствени вработени во семејствата.