Од Тарик Филиповиќ до Сашко Коцев: Татковството не е должност туку љубов
Завршниот панел на Првата регионална БЕКУТАН конференција, вчера, во Скопје, кој беше посветен на татковците и на нивната посебна улога во текот на растењето и развојот на децата, даде искрени одговори на прашањата за емотивната трансформација во осознавањето на татковската улога, но и цврсти ставови за општо прифатената валоризација на главната улога на мајката.
Учесници на панелот (од лево кон десно): Жарко Димитриоски, водител и модератор на панелот (Македонија); Сашко Коцев, актер (Македонија); Петар Бенчина, актер (Србија); Тарик Филиповиќ, актер и водител (Хрватска)
„Прашањето од типот дали таткото помага е сосема погрешен наратив. Банално е поистоветувањето на грижата за сопственото дете со некаква помош за сопругата. Татковската улога е сосема комплементарна во едно семејно секојдневие“, истакна српскиот актер Петар Бенчина, познат по улогата на докторот во филмот „Тома“, и татко на три деца.
Согласни дека цврстата врска меѓу таткото и детето започнува од првиот ден на раѓањето, панелистите низ сопствените искуства говореа за татковската улога во емоционалниот детски развој.
„Во моментот кога станав татко сфатив дека животот се сведува на периодот ‘пред’ и ‘потоа’. Тогаш сфатив и дека ми недостасувале вистински грижи во животот“, истакна актерот и водител Тарик Филиповиќ, прв бренд амбасадор на „Бекутан“ во Хрватска, и татко на два сина. На панелот на тема „Љубов и граници“, вчера, се обрати и сопругата на Тарик, ексмис на Хрватска и бизнисменка Лејла Филиповиќ.
Актерот Сашко Коцев беше дециден дека клучот за здрав родителски пристап е непосредноста во семејните, односно партнерските односи кога е во прашање поделбата на обврските:
„Родителството не е ексел-табела. Спонтаната организација во зависност од обврските на двајцата родители, веројатно, е некаква тајна на успехот. Природно е да ја преземам грижата околу детето кога сопругата има дежурство на работа; исто и таа кога јас сум на снимање. Не требаат потпис и печат за успешно родителство. Напротив!“ изјави Коцев, татко на една ќерка.
Жарко Димитриоски, кој беше и модератор на татковскиот Becutan-панел, низ сопственото искуство на тазе татко на петмесечна ќерка, потенцираше дека татковската улога е клучна, особено во првите денови по раѓањето на бебето, кога воедно и се формираат навиките за здраво родителство.
Со познатиот бренд за детски производи „Бекутан“ растеа и растат генерации кај нас но и во регионот и тој е бренд на кој „Алкалоид“ и сите ние треба да бидеме благодарни и горди.
„Од 1978 година, откако постои кремчето „Бекутан“, досега се произведени повеќе од 60 милиони теглички, што е уште еден доказ за квалитетот и традицијата. Уште еден доказ дека тоа е производ на кој може апсолутно да му се верува“, истакна, лани, на 45-годишнината од постоењето, генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.