„Од Струга ја носиме поезијата за да ве допре со убавина“ : Со Меѓународен поетски митинг во Скопје завршија  Струшките вечери на поезијата 2024


Со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје, синоќа, заврши 63. издание на Струшките вечери на поезијата на кое учествуваа 25 странски и 50-тина домашни поети.

– Вечерва во Музејот на современа уметност, од Струга ја носиме поезијата за да ве допре со убавина, рече Софија Насевска-Трифуновска, во завршницата на СВП како најстар (во континуитет) и меѓународно препознаен поетски фестивал.

Годинешниот лауреат на СВП, истакнатиот француски поет и интелектуалец, Жан Пјер Симеон, во своето обраќање во црквата „Света Софија“ во Струга потенцираше дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.

„Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост“, рече во Струга, Симеон. 

Синоќа, во МСУ, пред бројните поети, уште еднаш потсети: 

„Сигурен сум дека поезијата е од суштинско значење за сите луѓе, не само за оние кои ја создаваат или проучуваат. Поезијата мора да биде дел од нашите животи и самиот свет ќе биде подобро место за живеење доколку таа е постојано во нашите срца и во нашиот ум“, изјави Жан Пјер Симеон.

 

Вчера, во ДПМ, на Симеон му беше врачено почесно членство како годинешен лауреат на СВП. 

Манифестацијата почна во четвртокот со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2024 истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон. Константиновата „Т`га за југ“, првпат годинава беше прочитана од слепо лице со помош на Брајово писмо, во чест на годинашното мото на фестивалот „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо. По што беше запален фестивалскиот оган и продолжи со поетското читање „Меридијани“.

Највисоките фестивалски признанија „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“ беа врачени претходната вечер на манифестацијата „Мостови“ на францускиот поет Жан Пјер Симеон, македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова, германската писателка Катрин Пиц и младата поетеса Филипа Сара Попова.