Од Слоештица до МАНУ: Македонија го чествува големиот автор Петре М. Андреевски
90 години се навршуваат од раѓањето на великанот на македонското литературно творештво, Петре М. Андреевски (Слоештица, 1934-2006), еден од најталентираните, најпопуларните и незаменливи уметници на македонското тло.. Македонија со низа настани го слави овој важен датум за авторот чии дела претставуваат вистински аманет за македонското творештво и се дел од нашата колективна меморија.
„Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот“, ќе напише Петре М.Андреевски во второто писмо за Дениција посочувајќи ѝ дека во неа се границите на целокупна Македонија, и дури ја љуби неа, ја љуби сета татковина.
Стиховите и мислите на Андреевски се автентични и длабоко македонски. Неговите дијалози ги кажуваат безвременските вистини за тоа кои сме и што сме. Мали а во исто време големи! Ранливи а во исто време непокорни и неуништливи! Неискоренливиот Пиреј (1980), безвременската Дениција (1968), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), Лакримариј“ (1999), култната книга за деца „Касни – порасни“…
Неговото перо остави многу страници романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност во кои и ден денеска уживаат сите, а достапни се и на повеќе јазици помеѓу кои српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански и јапонски.
Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.
Основно образование завршил во родното село Слоештица, Демирхисарско, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
Во 2022 година, во родното село Слоештица, е отворена Спомен-соба во чест на Петре М. Андреевски.
Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, на 25 јуни (вторник), во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе се одржи промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.
вторник (25 јуни) во 13 часот, а истиот е во организација на Македонското научно друштво – Битола, во соработка со Педагошки факултет – Битола, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенското собрание при УКЛО, -АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и Europe House – Битола.
Покрај посета и оддавање почит на гробот на Петре во селото Слоештица, предвидена е реализација на културна манифестација која вклучува литературно читање на дел од поезијата на Петре М. Андреевски и квиз со едукативен карактер, поврзан со ликот и делото на Петре М. Андреевски. Литературното читање и квизот ги подготвија студенти од Педагошки факултет – Битола, и истите ќе се реализираат во реновираниот Задружен дом во селото Слоештица.
Настанот ќе заврши во АРТ ПОИНТ – ГУМНО со свечено откривање на склуптура, инспирирана од прочуената „Дениција“ на Андреевски, а изработена од познатиот македонски уметник, Никола Пијанманов.
На настанот свое присуство и обраќање најави и Амбасадорот Дејвид Гир од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Овој месец, и Институтот за македонска литература со свечен собир одбележа годишнина од раѓањето на Петре М. Андреевски (90 години).
-Неговата поема „Дениција“ химнично не возвисува во исказот на љубовта и љубовноста. Неговата проза, од друга страна, во неговиот подвиг на повратокот, беспоштедно нѐ соочува со демоните на нашето историско траење и во соочувањето со нив ни ја нуди можноста за себеосозновање и излез од лавиринтот на повторливоста…, истакна во оваа пригода, директорката на Институтот, Наташа Аврамовска.