Од Шуберт до Менделсон: Романтична вечер со британските уметници на „Охридско лето“

„Романсата сѐ уште не е мртва“ беше наслов на концертот што синоќа во рамки на Британската вечер на 65. Издание на „Охридско лето“ го одржаа британскиот виолинист Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева во црквата „Света Софија“.
Романтичната вечер која од почетокот ѝ ветуваше на публиката неповторливо музичко доживување што долго ќе се памети, започна со Соната за виолина и пијано од Франц Шуберт, а продолжи со дела од Шопен, Изаи, Менделсон и Крајслер.
За виолиниостот Џек Либек, специјализираното списание „Би-Би-Си мјузик“ пишува дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство“ и „прекрасен филигрански тон“. Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Неговата фасцинација со сè што е поврзано со наука резултира со два нови концерти за виолина компонирани специјално за него од „Војаџер“ од Дарио Марианели и концертот „Кратка историја на времето“ компониран од Брет Дин, а во спомен на научниот феномен проф. Стивен Хокинг. Тој свири на виолината „екс-Вилхелм“ изработена од Џ. Б. Гвадагини во 1758 година која му е дадена на користење од семејството на проф. Дејвид Бенет.
Списанието „Грамофон“ ја опишува пијанистката Катја Апекишева како „неверојатно надарен уметник“, а тоа само го потврдува нејзиниот статус како еден од најнадежните европски пијанисти. Родена е во Москва во музичко семејство. Неодамнешните и идни настапи ја водат Катја во Русија, Норвешка, Јапонија, Швајцарија, Италија, Данска, Германија, Австралија и на сцените во Велика Британија, каде е постојано присутна. Нејзината деликатност, а истовремено и силно сценско присуство придонесуваат таа да е чест пијано соработник на големите музички ѕвезди како: Џанин Јенсен, Натали Клајн, Гај Џонстон, Максим Рисанов, Џек Либек, Борис Бровцин, Алексеј Огринчук и Николас Даниел.
Британската вечер на „Охридско лето“ ја отвори амбасадорот на Обединетото Кралство во Р.С.Македонија, Метју Лосон, кој истакна дека преку вакви настани се продлабочува пријателството меѓу двете земји, се зајакнува меѓусебното разбирање и се слави креативноста што ги поврзува двата народи.
-Вистинско задоволство е да се биде домаќин на Британска вечер на годинешниот фестивал „Охридско лето“, еден од најценетите културни настани во регионот и ми е драго што заедно со Британскиот совет повторно го поддржуваме овој важен фестивал, кој ги зближува луѓето преку музика, уметност и заедничко културно наследство. Горди сме што ви претставуваме еден многу посебен гостин, меѓународно познатиот британски виолинист Џек Либек. Џек настапувал на некои од најголемите светски сцени, од Лондон до Њујорк, и ни е чест што го имаме тука во Охрид. Неговата уметност, страст и способност да се поврзе со публиката навистина го претставуваат најдоброто од нашата култура, рече амбасадорот Метју Лосон.
Честитајќи го 65-годишниот јубилеј на фестивалот „Охридско лето“ , директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс, нагласи дека е вистинска привилегија да се биде во Охрид и да се поддржи овој, како што кажа, прекрасен фестивал.
-За Британскиот совет, културата е во срцето на сè што правиме, цврсто веруваме сега, како што верувавме и кога бевме основани пред 90 години, дека споделувањето на културата, јазикот и образовните врски се најважните начини за зближување на луѓето и за нивно понатамошно разбирање. Дека чинот на споделување, на слушање и истражување идеи поврзува и обединува. Културата останува важен столб на односите меѓу Обединетото кралство и Северна Македонија и сме посветени на тоа да ја унапредиме и продлабочиме, и со задоволство можеме да го споделиме со вас вечерва овој настап со еден од водечките британски виолинисти на неговата генерација, Џек Либек, во придружба на повеќекратно наградуваната пијанистка Катја Апекишева, рече Сирс.
Дипломатските вечери на најпрестижната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“, и годинава ја потврдуваат успешната културна соработка на земјава со амбасадите. Пред Британската вечер се одржаа Кинеска вечер, Холандска, Грчка, Италијанска, Литванска, Австриска, Чешка, како и Вечер на ЕУ. До крајот на 65.фестивалско издание ќе се организираат и Шпанска, Унгарска и Полска вечер.