Од септември 2027 година произведувачите ќе мора да употребуваат најнови технологии за заштита на воздухот
Во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, од септември 2027 стапува на сила веќе усвоениот Закон за контрола на емисиите, кој ќе воведе построги стандарди за индустријата, јакнење на надзорните капацитети за контрола на Министерството,, истакна денеска на брифинг со новинарите, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, кој информираше за клучните приоритети на Министерството, со посебен фокус на борбата против загадувањето на воздухот и унапредувањето на системот за управување со отпадот.
Како што појасни раководителката на секторот, тоа значи дека при барање на интегрирана дозвола, компаниите ќе мора да воведат најнови технологии со цел заштита на воздухот од евентуалните емисии кои ќе ги испуштаат при процесот на прозиводство.

Досега, тоа не било законска облигација, туку Министерството само укажувало дека најдобро е да се упетрубуваат најновите технологии, но компаниите не биле обврзани тоа и да го спроведат. Со овој Закон, тоа повеќе нема да биде можно.
За имплементација на Законот, донесен кон крајот на минатата година, компаниите имаат време да се усогласат во следните две години кога ќе почне и да се применува.
„Законот предвидува значително построги правила за издавање и надзор на еколошките дозволи од категорија А и Б, задолжување на индустријата за користење на најдобрата достапна технологија, како и финансиска одговорност во случај на прекршување. Законот е целосно усогласен со директивите на Европската Унија и е усвоен преку сеопфатен процес со јавна дебата, со учество на граѓанското општество, Стопанската комора, факултети и други релевантни страни“, рече пред новинарите министерот Хоџа.
Хоџа најави дека од следната недела ќе започнат средби со претставници на индустриите кои поседуваат еколошки дозволи од категорија А, со цел периодот на адаптација да се искористи на најефективен начин. Сите нови еколошки дозволи ќе се издаваат според новите поостри стандарди, со построги услови и пониски прагови на емисии, особено за индустриските капацитети сместени во урбаните зони.
Во рамките на новите мерки, е предвидено зајакнување на лабораториските капацитети на Министерството преку акредитација на нови методи за независни контроли кон индустријата, поставување јавни екрани кои ќе ги прикажуваат просечните емисии што ги испушта објектот, како и примена на принципот „ЗАГАДУВАЧОТ ПЛАЌА“, според кој индустријата ќе ги покрива трошоците за отстранување на ризикот, санација и праведна компензација за причинетата штета на животната средина.
Министерот Хоџа потенцира дека со овие мерки се менува системски пристапот на Министерството кон контролата на индустриските капацитети поврзани со загадувањето на воздухот, со воведување силни механизми за контрола и одговорност.
На крајот беше нагласено дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност и дека Министерството останува целосно посветено на спроведување политики кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живот и обезбедување одржлив развој, во согласност со европските стандарди.(Б.Б.)