Од седум градски претпријатија четири во загуба
Од седум градски јавни претпријатија четири се во загуба, а три во позитива, при што најголем загубар во првите шест месеци е ЈСП „Скопје“ со 2.243.000 евра, соопшти денеска Градот Скопје.
Во најавата за утрешната седница на Советот на Град Скопје се наведува дека полугодушен биланс на градските претпријатија покажува дека вишокот во приходите е остварен кај ЈП „Улици и патишта“ – 465.000 евра, кај ЈП „Градски паркинг“ – 179.000 евра и кај ЈП „Лајка“ – 19.000 евра.
– ЈСП-Скопје во првата половина на 2021 година бележи вкупни приходи во износ од 627.519.000 денари и вкупни расходи од 766.601.000 денари. Во првата половина од 2021 година ЈСП-Скопје бележи загуба од 139.082.000 денари, односно, 2. 243.000 евра, се наведува во инфорамцијата.
Кај ЈП „Паркови и зеленило“ минусот изнесува 216.000 евра, кај „Комунална хигиена“ – 222.000 евра а кај „Водовод и канализација“ – 648.000 евра.
Инаку, Градот Скопје во првите шест месеци од годинава имал приходи од околу 3,1 милијарда денари или околу 50 милиони евра, а расходите биле 2,7 милијарди денари или околу 43 милиони евра.
Една од поважните точки за кои ќе расправа Советот на Град Скопје на утрешната седница е и Предлог-Одлуката за давање согласност за продажба на акции и управувачки пакет од Друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб Вардар АД Скопје. Со оваа одлука, Советот на Град Скопје дава согласност на АД Ракометен клуб Вардар Скопје, како сопственик на 100 обични акции во Друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб Вардар АД Скопје, да изврши продажба на акциите кои претставуваат 100 проценти од основната главнина, односно да изврши продажба на акции од 49% од основната главнина и акции од 51 отсто од управувачкиот пакет од основната главнина, на ДГТУ Блу Скај инвестментс ДООЕЛ Скопје, под истите услови и обврски под кои е склучен Договорот за купопродажба на акции, број 07-632/1 од 27.01.2014 година.