Од Ристановски до Микиќ: Врвна машка актерска екипа за новата претстава „12“ на МНТ


Никола Ристановски

Македонскиот народен театар, новата театарска сезона 2024/2025 година ќе ја започне со отворање на новата сцена – летната сцена „Славиша Кајевски”, со патувања и гостувања надвор од државата, гостувања во МНТ, како и реализирање на премиерни изведби.

На 4 септември официјално започнаа подготовките за претставата „12″ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.

Александар МикиЌ

Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците.  Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.

Игор Џамбазов

Во претставата, која е дел од годишната програма на националната установа МНТ за 2024 година, ќе игра моќна машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Костимограф е Александар Ношпал

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото се на Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.

Премиерата е закажана за октомври.

Списокот на претставите кои ги режирал Евтимов е обемен и разновиден, и во жанровска смисла и во однос на театарските куќи во кои работел. Хронолошки ги издвојуваме претставите кои ги има режирано во МНТ: „Едмонд” (1996) од Дејвид Мамет, „Венко” (2000) по текст на Благоја Ристески-Платнар, „Дипломец” (2004), „Сомнително лице” (2007) од Бранислав Нушиќ, „Така било пишано” (2010) по текстот на Сашко Насев, (праизведба), „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?” (2012) според Едвард Олби, и последните две комедии „Не се клади на Енглези” (2014) според Владимир Гурѓевиќ – претстава која е на репертоарската програма веќе десетта година и сѐ уште ги полни салите, како и претставата „Мој термин” (2019) по мотивите на Лорен Бафи и Висенте Виљануева.