Од пучисти до легалисти


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Она што се случуваше вчера во македонскиот парламент, всушност беше обид низ процедура да се постигне тоа што по минатите избори ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го постигне со шипки и со тупаници

 

Ако важи дека денот се познава по утрото, тогаш новиот парламент ќе биде уште една мачна епизода од парламентарната демократија на Македонија. Речиси неверојатни беа обидите вчера на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и на нејзините сателити со процедурални забелешки да ја попречат верификацијата на идните пратеници, или кажано народски – да ја спречат волјата на граѓаните што излегле на избори и одбрале кои пратеници да ги претставуваат.

Она што се случуваше вчера во македонскиот парламент, всушност беше обид низ процедура да се постигне тоа што по минатите избори ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го постигне со шипки, пиштоли и со тупаници. Целта беше да се спречи изгласувањето на новата влада на Македонија така што ќе се спречи дел од пратениците што ќе станат дел од владиниот кабинет да добијат замена во новиот парламент, кои пак потоа ќе ја изгласаат владата. Иако никој не очекува опозицијата да помага да се конституира власта, никој во нормална демократска држава не очекува ни да се користи секоја можност за обид за политички преврат, без оглед дали тоа се прави со насилство или само со опструкција. Заради ваквите итроштини на ВМРО-ДПМНЕ, која преку ноќ стана екстремно легалистичка, т.е. партија најзагрижена за процедурите и за законитоста, бевме сведоци на долга, мачна и нерационална седница за верификување на новите пратеници во Собранието, иако нивниот избор требаше да биде само прашање на формалност.

А тоа се случи откако со месеци ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Собранието не е ни конституирано и дека не тече рокот за формирање влада. Аргументите со кои се опструираше процесот вчера беа сосема обратни – дека Комисијата за верификација на мандатите веќе не е функционална бидејќи нејзиниот мандат завршил со конституирањето на парламентот. На ист начин, со месеци, ВМРО-ДПМНЕ оценуваше дека Македонија се соочува со тешка економска криза и дека треба итно да се спасува економијата, за да потоа ја спречуваше одлуката за избори, за кои пак сега се надева дека ќе се повторат ако го спречи конституирањето на новиот парламент и изгласувањето на новата влада.

Како да ни беше малку шестмесечната парализа на државата по распуштањето на претходниот парламент, како да ни беше малку повеќемесечната вонредна состојба за да се обезбеди политички континуитет и помош за граѓаните и компаниите по епидемијата, како да ни беше малку неколкумесечното нефункционирање на наставата во училиштата и одлагањето на новата учебна година поради немање кој да ги изгласа законските измени, како да ни е лесно со епидемијава па ни треба и политичка криза и како да имаме пред нас блескава перспектива, па можеме да си дозволиме уште губење време.

За ваквите опструкции на опозициската партија има неколку објаснувања: Прво, тоа е ниската политичка свест и одговорност во ВМРО-ДПМНЕ која по толку децении функционирање не престана партиските интереси да ги остварува преку грбот на граѓаните. Втората причина е што оваа партија не ни знае друг начин како да дејствува, освен со притисоци, уцени, немање чувство за компромис, немање слух за повисок интерес, немање свест за демократските процеси и со нон-стоп деструкции. Третата причина е актуелната состојба во која се наоѓа раководството на партијата, кое не може да испорача победа, па сака да ја одржува својата позиција правејќи штета и создавајќи на тој начин илузија дека ја контролира политичката ситуација и е фактор на политичката сцена. Четвртата причина е што за ВМРО-ДПМНЕ политичката кампања никогаш не престанува, а локалните избори идната есен се гледаат како нова шанса за повторни предвремени избори, бидејќи за партија која верува дека мора да биде на власт, два мандати надвор од неа е застрашувачка опција.

Ако не дојде до некаква смена или промена во ВМРО-ДПМНЕ наредните месеци, речиси е сигурно дека со ваквата бројност на главната опозициска партија и со актуелната констелација во парламентот, наредните четири години ќе гледаме многу опструкции, но и  полошо – лечење на политичките фрустрации. Тоа ќе значи долги и мачни седници, заткулисни сценарија, политички игри и безброј  саати потрошени во неефикасност,заедно со изгубените пари и можности на граѓаните. Со една константа, притоа –  дека опозициската партија ќе ја бламира и опструира владата на сите начини и во сите прилики, но на ДУИ нема да му фали ни влакно на главата, бидејќи државата може да пропадне, но ВМРО-ДПМНЕ нема да си дозволи да го налути можниот албански коалициски партнер.