Од први ноември билет за едно возење во автобусите на ЈСП


Фото: Б.Грданоски

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска најави решавање на проблемот со непостоење билет за едно возење во градските автобуси.

 

Имено, од први ноември во употреба ќе биде пуштена картичка „Скопска“ за едно возење, која патниците ќе можат да ја купат во автобус. Цената на билетот за едно возење најверојатно ќе биде 50 денари, но за ова советниците ќе расправаат на утрешната седница на Советот.

Поточно, пилот-проектот почнува во октомври, а еден месец ќе има пробен период, најави директорот на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков, на прес-конференцијата по повод купувањето нови еколошки автобуси за градското сообраќајно претпријатие.

Граѓаните кои ретко користат јавен превоз или не се од Скопје и немаат персонализирана или неперсонализирана картичка „Скопска“, досега се соочуваа со потешкотии при плаќање на возењето.

Најголем проблем имаат странците, кои како туристи престојуваат во главниот град, а кои немаат можност да платат ниту со телефон.