Изминатава недела 70 граѓани заболеле со морбили
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата на мали сипаници во земјава е 29.857. Од нив, 15.250 деца се вакцинирани на територија на градот Скопје, додека пак, во останатиот дел од државата вакцинирани се 14.607 деца, информира денеска Министерството за здравство.
-Родители ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцинацијата. Таа е единствената мерка за заштита од мали сипаници, нагласува Министерството во соопштението.
Во извештајот на Европската комисија се вели дека Министерството за здравство презело чекори за контрола на ситуацијата со епидемијата, преку директна вакцинација во училиштата и детските градинки и со започнување на голема кампања за вакцинација.
Во изминатава недела, пријавени се вкупно 70 нови случаи на мали сипаници, што е за 17 случаи помалку во однос на претходната недела.
Во текот на вчерашниот ден, прегледана и хоспитализирана е една пациентка со дијагноза на морбили (мали сипаници). Се работи за 44 годишна пациентка од Неготино, која не е вакцинирана. На Клиника за инфективни болести се лекуваат вкупно 14 пациенти, од кои 12 возрасни и 2 деца. На одделот за интензивна нега продолжува лекувањето на 16 годишната пациентка со церебрална парализа и ЕPI по морбили и масивна пневмонија.
Кумулативно од почетокот на епидемијата во декември 2018, досега, во нашата држава се регистрирани 1.891 случај на мали сипаници со инциденца од 91,4 на 100.000 жители.
-Само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат, се додава во соопштението на Министерството.