Од Париз до Африка: Документарниот филм „Пред и после“ на Киро Урдин во Кинотека


Проекција на филмот „Пред и после“ на Киро Урдин ќе се одржи во Кинотеката на Македонија, на 15 декември, во 20 часот. Станува збор за документарен филм по режија и сценарио на Киро Урдин. Наратор е Роберт Миано од САД, музиката е на Венко и Васко Серафимови, камерата на Бранд Феро, Слаѓан Милошевски и Ан Вутерс, Белгија Монтажа и звукот на Владимир Петровски-Картер.

Приказната се случува во околината на реката Мара (Кенија и Танзанија). Едно мало гну и едно мало бaфало се родени во непосредна близина. На крајот од животот тие умираат еден покрај друг.
Киро Урдин студира на Академијата за применета уметност во Париз и дипломира на Академијата за филм во Париз (1977 г.). Живее и работи во Париз од 1974 година. Од 1984 година до денес професионално се занимава само со сликарство. Од 1984 година има реализирано над сто самостојни и групни изложби во познати галерии и музеи. За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што изложувал. Покрај спомнатите написи, има дадено и над 30 интервјуа за телевизиски канали.

Во април, годинава, на свеченоста во француската резиденција во Скопје Познатиот македонски уметник со светско реноме беше одликуван со орден „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ на Француската Република, за придонес во развојот на пријателството и културните врски меѓу Франција и С Македонија.

Уметникот Урдин возбуден од овој чин изрази голема благодарност за високото француско одличје, но и за историската можност која ја имал да живее и твори во Париз, како што вели, местото на неговата втора младост.

-Имам две младости. Една која ја поминав во Македонија, каде се родив и мојата втора младост во Париз. Мојот уметнички живот почна во Париз, а она што ме фасцинираше и она што научив најмногу е од културата на обичниот француски човек, кој има една длабока традиција во сликарството, но и во филозофијата и литературата. Неизвесноста на животот секогаш е присутна, особено за уметниците, меѓутоа кога постои љубов за нешто секоја препрека може да се надмине. Благодарение на тој француски дух, голем број интелектуалци (Миро, Пикасо, Шагал.. Хемингвеј) кои дојдоа во Париз ја имаа таа можност да го почувствуваме тој дух на Париз кој има сензибилитет да апсорбира од неговото богатство. Колку времето минува станува се појасно дека има нешто што е најбитно – а тоа е уметноста, љубовта, пријателството и верување не само во самиот себе туку и во другите. Ќе си дозволам да го цитирам Волтер – ќе се борам до последната капка крв мислењето на другите да биде различно од моето, порача Урдин.

 

Орденот „Витез во редот на уметноста и книжевноста“ е одликување во Франција е востановено на 2 мај 1957 година. Го доделува француското Министерство за култура на лица кои се истакнале со своето творештво во уметноста и книжевноста или придонеле за нивно ширење во Франција и во светот. Во земјава носители на ова одличје се и режисерката Теона Митевска Стругар, поранешната директорка на Македонската филхармонија и солистка Маја Чанаќевиќ, Јордан Плевнеш, Мими Ѓорговска – Илиевска и фотографот Роберт Јанкулоски.