Од палатата изградена од „Бетон“ обвинуваат дека СДСМ ја бетонизира Македонија
Од бетонската палата на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат утрово СДСМ за енормното загадување како да е од вчера и притоа посочуваат на препораки од 2018 година со кои ќе се решел проблемот со зголемување на гасификацијата и системот за централно греење – иако станува сега уметност да се купи гас и е прескап. Притоа го забораваат проблемот со јавниот сообраќај.
-СДСM дојде на власт со ветувањата за чист воздух, седум години потоа ништо не е променето. Четири години додека ја имаа локалната власт не презема ништо од заклучоците што ги усвоија нивните пратеници, а седум години откако се на централна власт еден проект или поголема мерка од национален карактер за борба против загадувањето немаат спроведено.
Загадувањето на воздухот е национален проблем, и за ефикасно намалување на загаденоста потребни се национални мерки и проекти кои значајно ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, освен заклучоци и препораки на комисии СДСМ и ДУИ немаат преземено ништо, заборавајќи го проектот Александропулос и инвестициите во обновливата енергија.
-На 27 ноември и 25 декември 2018 година, Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија одржа Јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“, меѓу големиот број заклучоци донесени се и следните:
– Да се забрза процесот на гасификација на територија на Република Македонија и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа.
– Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните.
– Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели .
– Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија.
– Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието на Република Македонија да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот.
Скопје и остатокот од државата тоне во загаден воздух, и главна вина за тоа има Владата на СДС и ДУИ. Општините имаат ограничени овластувања и можности, а дури и тие кои ги имаат не беа спроведувани од страна на градоначалниците на СДС и ДУИ изминативе 4 години, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ .