Од органски отпад до струја, топлина и хумус: „Био ентерпрајз“ е пример за циркуларна економија
Биогасната електрана кај Сарамзалино произведува струја, но од органскиот отпад се добива и топлинска енергија, хумус и органско ѓубре за земјоделството
Најсовремена технологија за производство на чиста енергија, решавање на проблемот со органскиот отпад во дел од државата, и се разбира профитабилно работење. Можеби не по овој редослед, но овие елементи се чини дека се добитна комбинација за биогасната електрана „Био ентерпрајз“, инвестиција на три приватни компании, „Централ инвест“ на Кочо Анѓушев, добро познато име во домашниот бизнис, „Агриа“ на Петар Колевски, најголемиот производител на свинско во земјава и на охридски „АСП-ПАК“, на Петар и Спасе Спасески, која повеќе од две децении произведува амбалажа за земјоделски производи.
До новата биогасна електрана се стигнува за неполн час од центарот на Скопје, прво по автопатот кон Штип, а потоа по магистралниот пат Штип-Велес, во близина на село Сарамзалино, во општина Лозово. Веднаш до патот, опкружена со непрегледни полиња на кои доминира јачменот како култура, се издвојува новата постројка која има инсталирана моќност од 2 мегавати и која може да ги задоволи потребите за електрична енергија на околу 3.500 домаќинства или околу 15 илјади жители. Но, она што ја издвојува од другите енергетски капацитети е што био гасната електрана во исто време нуди решение за најгорливиот проблем во државата – екологијата.
„Зборуваме за 30 илјади тони суви отпади на годишно ниво и околу 15 илјади тони течни отпади. Кога би го немало овој капацитет тој отпад би завршил практично секаде – во природата, во воздух, во Вардар, во другите реки…“, вели Кочо Анѓушев, универзитетски професор и бизнисмен, кој во своето портфолио ја има групацијата „Фероинвест“, фабриката „Брако“, РЕС, мали хидроцентрали и тн.
Биоелектраната практично го апсорбира целиот органски отпад – од житарици, силажа, отпад од свињарски и краварски фарми, отпад од млекарска индустрија, сурутка по правење млеко, расипано млеко, отпад од винарии, комиње, отпад од преработка на градинарски производи, на пример кога се прави ајвар, лушпите, семките…
„Значи, сѐ што е отпад од органска материја, вклучително и комуналниот отпад доколку тој може да се селектира во општините“, вели Анѓушев.
Ако не постојат вакви биогасни електрани, целиот отпад завршува на депонии и во реки каде што се случува истиот процес, но неконтролирано. Се создава метан кој оди во атмосферата, а метанот е најголем непријател на озонската обвивка.
Објектот крај Сарамзалино се градеше две години, инвестицијата изнесува 12 милиони евра, на годишно ниво произведува околу 17 милиони киловатчасови, заштедува 16 илјади тони јаглероден диоксид или практично заменува 700 илјади дрва во шума кои треба тоа ЦО2 да го прочистат.
„Биогасната електрана е најголемиот чистач на органски отпад во општеството. Сѐ што е органско и може да се распадне, е гориво во биогасната електрана, а нус производ од нејзината работа е електрична енергија, чист хумус и течност за третирање на полињата со хранливи материи. Биогасната електрана практично е најдобриот пример за циркуларна економија, она што го слушаме како дефиниција во општеството“, вели Анѓушев.
Тој беше домаќин на поголема група новинари кои имаа можност од прва рака да се запознаат со производствениот процес на био гасната електрана, како и со најновите инвестиции во „Брако“.
Биоелектраната беше пуштена во производство неодамна, во декември лани, а по периодот неопходен бактериите да го преработат ѓубрето и да се добие метан, за што се потребни околу 70 дена, процесот сега е стабилен и континуиран.
Македонија има капацитет за околу 20 до 30 мегавати инсталирана снага од биоелектрани со што, како што се проценува би можел да се собере и преработи најголемиот дел од органскиот отпад во државата.
Ова е трета био гасна електрана во Македонија, првата е во тетовско на „Везе шари“ со капацитет од еден мегават, втората е во Пелагонија (две по три мегавати), на „Енерџи Пелагонија“ и ова е последна, два мегавати, но технолошки е на највисоко ниво и најмодерна.
„Најголем инвеститор во обновливи извори во биогасни електрани во светот е принцот Чарлс, сега кралот Чарлс и тој ја користи истата оваа технологија која што ја гледате. Биогасната електрана е најкомплицираниот извор на обновлива енергија, бидејќи има многу технологија и разни процеси, тргнувајќи од биологија, хемија што е почетокот на процесот, па до струја, до топла вода и на крај нус производи“, вели Анѓушев.
БИОГАСНА ЕЛЕКТРАНА „БИО ЕНТЕРПРАЈЗ“
Локација: с. Сарамзалино, општина Лозово
Инвеститори:
„Централ инвест“ – Кочо Анѓушев
АСП-ПАК – Петар Спасески и Спасе Спасески
„Агриа“ – Петар Колевски
Вредност на инвестиција: 12 милиони евра
Време на градба: 2 години
Почеток на градба: 12.12.2020 година
Завршување со градба: 12.12.2022 година
Инсталиран капацитет: 2 МWр електрична енергија
2 МWр топлинска енергија
Планирано годишно производство: 16.640 MWh
Годишното производство на електрична енергија е еквивалент на:
-Годишна просечна потрошувачка на 3500 домаќинства
-Заштеда на емисии на СО2 од 16.000 тони
-Шума од 700.000 дрва за апсорбција на штетни гасови
Со топлинската енергија може да се загреваат 6 ха земјоделско земјиште
Производство на 40.000 тони ѓубриво со зголемена концетрација на азот
Практично, целиот циклус тука се заокружува комплетно.
„Филозофијата на биогасната електрана е едноставна – депониите во Македонија не се палат затоа што имаат запалливи материјали таму, туку бидејќи се фрла и неоргански и органски отпад кој што се распаѓа. Био гасната електрана е таков обновлив извор на енергија којашто има за задача контролирано да го доведе тоа до ниво на метан, бидејќи сето тоа и во природата исто така станува метан, се распаѓа, но таму е неконтролирано и прво ги пали депониите, а второ, оди во атмосферата. Биогасната електрана всушност е најголемиот чистач на органскиот отпад во општеството“, вели Анѓушев.
Работата, како и во природата, ја завршуваат бактериите. Што значи, дека треба да се одржува еден контролиран биолошки процес кој на бактериите им обезбедува најдобри услови за тие најдобро и најбрзо да можат да го распаднат отпадот. За тоа е потребно да се одржува температура од 40 -45 степени Целзиусови.
„Внатре во дигесторот има цевна змија, односно топол разменувач, каде што топлината од моторите, практично се користи да се загрева. Летно време кога ќе биде 40 степени ќе нема потреба или ќе треба да се загреав малку, но зиме на минус 20 степени, температурата внатре мора да биде 40 степени Целзиусови. Таму почнува првото распаѓање на материјата“, објаснува Анѓушев.
Второто распаѓање се случува во постдигесторот, каде што всушност настанува последната фаза на распаѓање на материјата и таму се ослободува метан кој се собира во мембрана.
Тој метан потоа оди низ филтри кои го прочистуваат метанот до ниво да може да помине во мотор со внатрешно согорување каде што се прави електричната енергија и генератори, а сето тоа се контролира преку скада систем.
„Ова е најсовремената технологија која што постои во светот за оваа работа“, вели Анѓушев.
„Резултат од целиот процес е електрична енергија 2 мегавати, но 2 мегавати електрична енергија во биогасна електрана е исто со 12 мегавати фотоволтаик, заради тоа што работи 365 дена, 24 часа во денот, додека фотоволтаик работи 1.400 часови во годината и тоа ако има сонце. Ветерниците работат кога има ветер, хидроелектрана работи кога има вода, а био електраната работи нонстоп“, вели Анѓушев.
Исто така се добиваат и 2 мегавати топлинска енергија, која дел се користи да се загрева постројката, околу 25 отсто или една четвртина, додека три четвртини може да се користи за правење оранжерии.
Следно би било тука да се направат оранжерии каде што нема да се користи мазут, туку нус топлината којашто се појавува од моторите. Плус, кога ќе заврши целиот процес, кога целата материја ќе скапе, останува нешто како чорба, која се дели на сува материја или чист хумус, како и дел во течна состојба, која е богата со хранливи состојки за земјата, која е течно природно ѓубриво за земјиштето.
„Значи излез од овој објект е нула“, вели Анѓушев.
Плановите се така добиениот хумус и течното органско ѓубриво да се искористи за подобрување на квалитетот на земјиштето со кое што располагаат во околината – околу 200 хектари.
„Оваа земја околу нас во Овчеполието е трета–четврта категорија, а предвидувањата се дека по три-четири години и третман со хумус и со течната фаза треба да биде прва категорија“, вели тој.
Анѓушев посочува дека кога станува збор за обновливи извори на енергија, потребна е дисперзија, значи не може да се оди само со фотоволтаици или само со хидроелектрани или само со ветерници.
„Ако сакате да имате енергетска транзиција и да станете независни енергетски од обновливи извори, мора да ги мешате изворите, бидејќи тие сите во разно време прават електрична енергија“, вели тој.
Овде во моментот работат 18 луѓе, но тука се и оние вклучени за земјоделските површини, а директно во биогасната централа се шестмина.
Дополнително, на земјоделските површини експериментално е поставен подземен систем капка по капка. Станува збор за израелски систем и чини околу 5-6 илјади евра по хектар и на 200 хектари веќе е направена првата сеидба. Практично се црева под земја, 40 сантиметри под површина, и го хранат коренот одоздола, а не од одозгора. Има специјални капалки и тоа се очекува да го зголеми приносот и до 100 отсто.
Сето ова е направено од домашни инженери. Само моторите и генераторите се купени.
Посебен дел претставува контролната соба од каде што се контролира целиот процес, а истото се следи и во Скопје, каде што има мониторинг центар за сите електрани, фотоволтаични, хидро и за најновата био гасна електрана.
Анѓушев со посебно задоволство го претстави Арти Ќормемети од Дебар, за кој вели дека бил еден од најдобрите студенти на Машински факултет за хидраулика и кој по студиите отишол во Хјустон, каде што завршил постдипломски студии за обновливи извори на енергија, по што се вратил во Македонија и се вработил во „Био ентерпрајз“.
Ќормемети објаснува дека на главниот компјутер се контролира целиот процес на биогасната електрана од донесување на материјал, внесувањето, дозирањето на сувата и на течна материја во дигестерите…
„Сите процеси се контролираат автоматски, нема ниеден човечки влез и целата електрана може да работи 24 часа дневно без ниту еден човечки влез, освен внесување со машина материјал во доза. Целиот процес е контролиран, на пример текот на гасот, правиме мерења на квалитет на гасот, во првиот, во вториот дигестер, и пред влезот во моторите кои мора да добиваат чист гас. Исто така се контролира излезот на материјалот…“, објаснува Ќормемети.
Тој додава дека во првиот дигестер во моментот има 52 отсто метан, и сите овие параметри се контролираат за да се знае какво е здравјето на бактериите, бидејќи во зависност од количината на метан може да се знае дали бактериите работат добро или не.
„Секојдневно се прават анализи, тука имаме и лабораторија во која работат хемичар, биолог, се земаат примероци од двата дигестери, и правиме хемиски анализи за да видиме дали тоа што ставаме не придонело за наштетување на здравјето на бактериите. Контролата е секојдневна и никогаш не запира“, вели тој.
„Моментално електраната работи со 1,6 мегавати и тоа е стабилно производство во текот на целиот ден и во текот на наредните четири-пет дена ќе покачиме на 2 мегавати“.
Инаку, за сите постројки на групацијата има и 24 часа мониторинг, во центарот во Скопје каде што се гледа истата слика и ако има испад од мрежа, испад на мотор, има оператор 24 часа, кој веднаш може да пријави а фирмата за одржување во случај да има потреба од интервенција за кратко време доаѓа и го решава проблемот.
„Илузија е дека ќе имате обновливи извори на енергија, ќе ги ставите некаде и тоа само ќе ‘тера’. Ние во позадина имаме фирма во која работат 60-70 инженери и техничари кои што се грижат за одржување на сите наши енергетски објекти, но и на други инвеститори“, вели Анѓушев.
Тој посочува дека практично комбинацијата на сите обновливи извори е единствената добра за енергетска транзиција.
Спасе Спасевски од АСП– ПАК, еден од партнерите, вели дека органскиот отпад којшто го создава био гасната електрана на долг рок ќе го намали трошењето на минерални ѓубрива и ќе се користи за земјоделските површини, а ние сме увозно зависна држава од минерални ѓубрива, така што има двоен ефект.
„АСП-ПАК е 23 години стара компанија и е лидер во производство на рачно плетени пакувања за овошје и зеленчук. Нашите инвестиции во обновливи извори ги почнавме уште во 2012 година со првите фотоволтаици, изградивме мали хидроелектрани и ова е трет извор на обновлив извор на енергија. Целта е да ја зголемиме нашата конкурентна способност за матичното производство и да ги следиме трендовите во замена на енергенсите, односно да поттикнеме производство аа електрична енергија од обновливи извори“, вели тој.
Петар Колевски, сопственикот на „Агриа груп“, вели дека основен мотив за него е тоа што денес во нашата држава најголем проблем е загадувањето.
„Во ’Агриа’ како најголем производител на свинско месо во Македонија, и која го снабдува македонскиот пазар на месо со 38-40 отсто, гледаме дека сѐ повеќе доаѓаме во ситуација дека проблемот со храна станува многу актуелен. Мотивот беше покрај профитабилноста, дека најбитно е решавање на екологијата во државата“, вели Колевски.
Тој додава дека претходно отпадот го ваделе на нивите, се сушел и го земале селаните за ѓубрење, а сега сето тоа ќе биде организирано, да има профит и да има подобро решение за збогатување на земјата со органско ѓубре.
„Во план ни е уште една електрана, кај другата фарма во Штип. ‘Агриа’ располага со две огромни фарми и се надеваме дека барем во Источна Македонија и во дел од централна Македонија ќе го решиме проблемот со екологијата“, вели тој.