Од Миќиќ до Попов: Со рокенрол одбележан роденденот на Горан Стефановски во Дебар Маало
Музичко-драмски перформанс во режија на Јордан Симонов, кој вклучува извадоци од претставата „Лонг плеј“ на Стефановски, како и неколку популарни рок нумери од ,,Леб и сол” и ,,Фолтин” чиј автор на текстовите е токму Горан Стефановски, се одржа денеска на скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало, спроти Општина Центар.Во перформансот настапија актерот Александар Микиќ и музичарите Мирко Попов, Дина Јашари, Марија Каева и Владан Дробицки.
Организатор на настанот „Прослава на роденденот на Горан Стефановски“ е Општина Центар и годинашното одбележување е потенцирање на љубовта на драмскиот автор кон рокенролот.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој истакна дека ќе се погрижи оваа манифестаија да продолжи и во иднина.

-Можеби некој ќе се запраша зошто оваа година се одлучивме да се посветиме на љубовта на Горан кон рокенролот има две причини. Првата е дека тој уште од средношколските денови, па се до крајот на неговиот живот го испишувал неговиот музички дневник во кој речито истакнува колку многу му значи рок музиката, тој е еден од ретките колекционери кој имал илјадници плочи уште од 60 години на минатиот век, а втората причина е посветата која професорот ја напишал на драмата на својот некогашен студент, а која гласи „За Јоцо рокерски поздрав од Горан“. Стефановски преку неговите безвременски дела пренесува уиверзални порaки тој создаде уникатни драми во кои создаде национална слика за нашиот народ преку неговите социјални неправди, политички разидувања и стремежот и бората за посветла иднина, истакна градоначалникот.
Горан Стефановски е еден од најистакнатите писатели на современата македонска книжевност. Со култните драми „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар Маало“ и многу други, закитен со големи награди како што се „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, обожаван од македонската и светската публика – тој е многу повеќе од драматург и учител. Тој е човек за кој сме благодарни што сме го имале меѓу себе, како најнаш, когошто ќе го носиме во срцата, во театрите, низ страниците на новонапишаните книги.
Во март „ТРИ“ го објави новото издание на „Мала книга на стапици“ од Горан Стефановски.
„Онака како што пиесите не се пишуваат туку се прават, така и големите луѓе не се создаваат, тие се раѓаат. Таков е и Горан Стефановски – автор кој засекогаш го промени текот на македонската книжевност. А благодарение на ваквите помагала што ни ги остави во наследство, тој продолжува да ги обучува идните писатели, носители на иднината на домашната литература“, изјавија, по тој повод, од „ТРИ“.