Од Медлин Олбрајт до Кристијан Аманпур: Кој е Џејмс Рубин, кој ќе ни помогне за руските дезинформации?
Во текот на 35 годишната кариера во надворешната политика, работел како дипломат, политички советник, коментатор, професор и репортер

Специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, следната недела ќе ги посети Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, каде ќе разговара со властите за борбата против дезинформациите, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, соопшти американското министерство за надворешни работи.
Рубин ѝ е познат на јавноста на Балканот по тоа што беше портпарол на Стејт департментот во време на војната на Косово и на НАТО-бомбардирањето на тогашна Сојузна Република Југославија. Тој на формалната функција помошник државен секретар се задржа од 1997 до 2000 година, за време на мандатот на државниот секретар Медлин Олбрајт, во администрацијата наБил Клинтон.
Џејмс Рубин 20 години (1998-2018) беше во брак со познатата новинарска и уредничка на „Си-ен-ен“, Кристијан Аманпур со кого го има синот Даруис Џон, роден во 2000 година. Се запознале за време на војната во Сараево, од каде Аманпур известувала за Си-Ен-Ен, а Рубин исто така работел како репортер. Тој на функцијата специјален претставник беше назначен на почетокот на годинава, а од Стејт департментот наведуваат дека ова е негова прва посета на регионот по 23 години.
Рубин има повеќе од 35 години искуство во надворешната политика. Пред Стејт департмент, работел како дипломат, политички советник, коментатор, професор и репортер.
Пред да се приклучи на Стејт департментот, Рубин беше дипломатски советник на генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз, советувајќи го генералниот секретар Матијас Корман за глобалните прашања. Пред тоа, беше претседател за меѓународна политика и стратегија во Балард Партнерс, со седиште во Вашингтон. Тој, исто така, беше уредник со придонес во Политико и визитинг стипендист на Американскиот институт Ротермер на Универзитетот Оксфорд.
Рубин бешеи и советник на гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, помошен професор на Универзитетот Колумбија и ко-извршен уредник за лансирањето на Bloomberg View. Рубин беше водител и коментатор за SKY News, визитинг професор по меѓународни односи на Лондонската школа за економија, партнер за финансиската советодавна фирма Brunswick Group и ко-водител на серијата PBS Wide Angle.
Во 2000 година, тој ја доби највисоката чест на Стејт департментот, наградата за истакната служба. Се стекна со диплома по политички науки и диплома за меѓународни односи на Универзитетот Колумбија.
Аманпур сега живее во Лондон. На 5 мај 2021 година, на Аманпур ѝ беше дијагностициран карцином на јајниците од стадиум 2. Десет дена подоцна таа имаше тешка операција, а потоа 18 недели хемотерапија. Сега во ремисија, таа го сподели своето искуство за ширење на свеста за рано откривање.
„Ја поминав мојата кариера покривајќи ги геноцидите во Босна и Руанда, војните во Авганистан, Ирак – сето тоа навистина опасно“, вели таа. „И јас го преживеав сето тоа. Но, ова е многу различно“.
Во март, лани, таа помина две недели во Украина покривајќи ја руската инвазија.