Од Липково почнува садењето 800.000 садници
Во следните две години, со поддршка на Глобалниот еколошки фонд ГЕФ 6, во македонија на пет локации ќе се засадат 800.000 садници, како дел од проектот за пошумување на деградирано земјиште на екстремно неповолни терени, со вкупна површина од околу 400 хектари во целата држава.
Во тој период пошумување ќе се врши на пет локации: во околината на Липковско Езеро, село Страчинци, Свети Николе, Демир Капија и Гевгелија.
Целта на акцијата е обновување на шумскиот фонд, заштитување на почвата од ерозија во близина на еден важен капитален стратешки објект, како што е Липковското езеро, преку кој се обезбедува водоснабдување на оваа општина.
Активноста се спроведува во рамки на проектот кој е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд ГЕФ 6, со вкупна вредност од 500 илјади долари, а се спроведа од Министерството за животна средина и просторно планирање со поддршка од Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП).
Денеска, во Општина Липково (место наречено рамниште, во близина на Филтер станицата) на акцијата за садење дрвца ќе присуствува и првиот потпретседател на Владата и Министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Садењето на 800 илјади садници, наредниве 24 месеци, ќе се одвива заедно со Јавното претпријатие ,,Национални Шуми”.