Од Иван Џепароски до Жарко Кујунџински: Соопштени годишните награди на ДПМ за 2024
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/H0G4852_copy_954x664.jpg)
Збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, во издание на „Антолог“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело, додека „Посвети и пофалби“ од Иван Џапароски, во издание на „Дијалог“ е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка во 2024 година, информираше денеска на прес-конференција претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Живко Грозданоски.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Zarko-Kujundziski-1-bg.jpg)
Како што информираше, во однос на наградата „Стале Попов“ за 2024 година, на конкурсот пристигнале вкупно 11 дела од членовите на ДПМ. Одлуката ја донела жири комисијата во состав на претседателката Лилјана Пандева и членовите Петар Андоновски и Блаже Миневски.
-Наградената збирка раскази „Приказничар“ е составена од раскази пишувани во подолг временски период, што се забележува во стилот, јазикот и структурата, но мошне умешно собрани во едно дело, затоа што сите во својата основа ја имаат приказната, односно нејзиното создавање, од зародишот, растењето до речиси апокалиптични или пак банални завршетоци. Раскошниот јазик на Кујунџиски „оживува“ во неговите приказни и ги оживува неговите приказни, независно дали тие се составени од само десет збора или од четири илјади зборови. Но мора да се каже дека токму бројот на зборовите ѝ дава одредена ритмика на збирката. Имено, таа почнува со најкраткиот расказ, а завршува со прилично долг расказ. Оттука перото на Кујунџиски не само што ја плете приказната, туку и ја разигрува речиси до болка да не може да се живее без неа. Но Кујунџиски и живее во неа, во секоја нејзина форма, во секој нејзин ред, во секој нејзин збор. Оттука и насловот со само еден збор, мошне конотативен „Приказничар“. А приказничар е секој од нас, но денес најмногу Жарко Кујунџиски, се вели во образложението на комисијата.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Ivan-Dzeparoski-1-bg.jpg)
За наградата „Ацо Шопов“ на конкурсот на ДПМ аплицирале вкупно 16 дела. За награденото дело одлучила жири комисијата во состав на претседателката Катица Ќулавкова и членовите Гордана Михаилова Бошнакоска и Влада Урошевиќ.
-Книгата поезија Посвети и пофалби на Иван Џепароски е продолжување и заокружување на неговата филозофски интонирана поетика на делиризација, по којашто ќе остане препознатлив во македонската поезија. Иван Џепароски е поет на ерудицијата и поет на културата. Како еден од врвните македонски интелектуалци и естетичари, поетот Џепароски ја следи својата лична вокација и во неговата деветта книга поезија Посвети и пофалби. Со тоа тој покажа дека е можно да се изгради поетички систем чиешто доминантно и константно обележје ќе биде присуството на мотиви со етички и културолошки предзнак. Од една страна, поетот опева вечни теми какви што се доблеста, пороците, игрите, дијалогот, а од друга, покажува чувствителност и спрема актуелни теми какви што се: вештачката интелигенција, дигиталната култура, Ковид-пандемијата и еколошката проблематика. Еден циклус од оваа последна негова збирка е реплика на колоквијалната фраза „Старо купувам“ опеана во популарната песна на Ацо Шопов со ист наслов. Преку воведниот циклус „Посвети по сродност“ и другите пет циклуса со предзнакот „Пофалби“, Иван Џепароски ги маркира своите творечки предци од историјата на македонската поезија и други култни фигури од областа на уметноста и филозофијата, се вели во образложението на комисијата.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Ivan-Antonovski-1-bg.jpg)
Како што информираше Грозданоски, наградата „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади ја доби книгата „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски, во издание на „Светулка“.
На повикот на ДПМ за оваа награда се одзвале вкупно десет наслови, а одлучила жири комисијата во состав на претседателката Билјана С. Црвенковска и членовите Мито Спасевски и Александра Велинова.
-Книгата за деца „Бакнежи на небото“ на авторот Иван Антоновски е нежна и топла приказна која, при првото читање, во нејзиниот основен слој, е приказна за настанувањето на зимата и за малите, секојдневни „игри“ меѓу децата. Во топла и снежна ноќ, завиткани во ќебенце, постарата сестричка Илина и братчето Јаков – кое не сака да заспие – почнуваат разговор. Илина одговара на неговото прашање „Како настанала зимата“ раскажувајќи ја сказната што ја слушнала од баба им. Атмосферата на почетокот наликува на бајките што се неизоставен дел од сечие детство („Снежната кралица“), навестувајќи дека магијата набргу ќе почне. Топлите и богати илустрации (кои малку потсетуваат на оние на Кондовски) ја доловуваат бајковитата атмосфера со носталгичен призвук на дамнешните, безгрижни детства. Но, тука Антоновски, суптилно и обмислено, со внимателно избрани зборови, ја прави вистинската магија во оваа книга (иако во формат на сликовница – текстот е доволно обемен и исполнет за таа да се нарече „долг илустриран расказ“). Со внимателно читање, почнуваме полека да ги откриваме подлабоките слоеви во приказната – која од бајка прераснува во модерна приказна за љубовта меѓу сестричето Илина и братчето Јаков (ретка и недоволно обработувана тема: сестричката е онаа што раскажува и се грижи братчето да заспие, иако најчесто таа улога припаѓа на родителот). Читателот може лесно да се идентификува – во модерното, брзо и стресно време во кое живееме, родителите често ја префрлаат оваа улога на постарото дете во семејството.
„Сѐ убаво што постои на светов, е создадено од љубов“ – е мотото на авторот на крајот на книгата. Љубов помеѓу сестричето и братчето, љубов која, како и онаа на облаците на небото кои се бакнуваат за да го создадат снегот, трае засекогаш (или барем, додека постоиме ние).
Иако Антоновски е опитен пишувач, докажан во други сфери и жанрови, тој мошне длабоко и умешно завлегол во сериозноста на книжевноста за деца и како дебитант во овој жанр ја изградил важната слоевитост која истовремено се обраќа и кон читателите-деца и кон читателите-родители.
Антоновски дава автентичен, авторски и творечки, индивидуален пристап во неговиот приод кон експонирањето на содржината. Делото интонативно се потпира врз бројни илустрации кои остваруваат забележителен исчекор во раскажувачкиот тек на делото и неговата поставка, со самото тоа придонесувајќи ова да биде целосно, заокружено дело од сите аспекти: текст, илустрации, дизајн, се вели во образложението на комисијата.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/H0G4872_copy_1014x664.jpg)
Четвртата награда „Димитар Митрев“ за најдобро дело критика или есеистика, конкурирале вкупно девет наслови, а добитник на наградата е „Книжевни паметници“ од Наташа Аврамовска во издание на Институтот за македонска литература. Одлука донела жири комисијата во состав на претседателката Лидија Капушеска Дракулеска и членовите Санде Стојчевски и Дејан Трајкоски.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Natasa-Avramovska-1-bg.jpg)
-Книгата „Книжевни паметници“ од Наташа Аврамовска претставува врвно ерудициско остварување со комплексна, полифонична композиција од десетина критички студии пишувани по различни, значајни поводи и јубилеи, кои орбитрираат околу еден стожерен мотив – културната меморија. Авторката суверено се движи низ жанровските траектории на современата македонска книжевност, почнувајќи од автобиографскиот испис на М. Цепенков кон крајот на XIX век, преку поетската проза на Б. Конески, романот-иследување на К. Чашуле или семејната сага на Б. Иванов и Ј. Павловски, сè до постмодерните варијации и зачудни оптики на градот – кај О. Николова, на детството – кај Е. Лафазановски, на Другоста – во драмите на Г. Стефановски или на загатката – во делото на П. М. Андреевски. Посебен придонес на книгата претставуваат компаративните согледби на книжевната меморија во современата македонска литература во однос на две древни епохи: старословенската и османлиската кои се пресретнуваат во симболот на Констатинопол односно Стамбол. Со својот осмислен концепт, контекстуален опфат, научен пристап и акрибичен стил, оваа книга дава евидентен придонес во толкувањето не само на клучните фигури од современата македонска книжевност, туку и на нивните одделни остварувања кои, според авторката, претствауваат значајни „книжевни паметници“ како драгоцен и траен влог во нашето културно наследство, се вели во образложението на комисијата.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Gordana-Jovic-Stojkovska-1-bg.jpg)
Добитник на наградата „Мост“ за најдобро дело објавено од член на ДПМ на некој од јазиците што го зборуваат националностите во Македонија е „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) од Гордана Јовиќ Стојковска, во издание на „Слово љубве“.
За оваа награда конкурирале вкупно три дела, а одлучила жири комисијата во состав на претседателката Сеида Бегановиќ и членовите Тихомир Јанчовски и Лејла Шериф Емин.
-Станува збор за жанровски комплексно дело – хибрид, кое започнува со депресивниот роденден на главниот лик и неговото размислување за празнината на сопственото постоење. Заплетот понатаму е развиен во вешто составена научно-фантастична приказна, каде што, како интервенција на боговите, кои некогаш ги исполнувале желбите на смртници, истото тоа сега го прави инструмент или вештачката интелигенција, која не предвидува човечки слабости, како што се љубомора, завист, самосожалување, неверодостојност, кукавичлук, љубопитност… Особено интересна е самата постапка со помош на која, благодарејќи на ерудицијата на авторката и познавањето на културолошките теми, целиот заплет зазема тек соодветен на принципите на исклучително слоевита ерудитивна фантастика што успева да ги даде одговорите на сите прашања поставени на почетокот од книгата, на метафизичките дилеми, на психоаналитичките толкувања на ликовите, при што се упатува на битните културолошки референци за смртта, љубовта, раѓањето, во различни култури, и цивилизации. Она што во стилот не’ плени е – хуморот со кого се испреплетуваат најсериозните теми, полн со емпатија за делата на ликовите, сатирата за анти-хероите. Херојот или анти-херојот, во зависност од вкусот, ги доживува сите егзистенцијални преобразби, речиси како митски херој, дури и додека лебдее меѓу животот и смртта кога ги поминува сите фази на исчезнување – од сениште, преку призрак до авет, се вели во образложението на комисијата.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Zivko-Grozdanoski-3-bg.jpg)
-Целиот процес помина со размена на мислење меѓу членовите и претседателите на комисиите. Се сумираа бодовите, се издвоија фуиналистите, потоа имавме пет средби во ДПМ и се дискутираше. Во три случаи имаше и гласање и бодување, а кај две од наградите имаше само дискусија и така се дојде до овие резултати, рече Грозданоски.
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/DPM-Drustvo-na-pisateli-godisni-nagradi-Katica-Kjulavkova-1-bg.jpg)
Претседателката на Жири комисијата за наградата „Ацо Шопов“, Катица Ќулавкова на прес-конференцијата посочи дека со членовите имале исто мислење во однос на најголем дел од насловите.
-За мене беше изненадувачки кога ги сретнав другите двајца членови на Комисијата на состанокот, кога требаше да донесеме финална одлука. Не знаевме меѓусебно дека сме членови. Имавме исто мислење во најголем дел од насловите и авторите. Одлуката за издвојување на првите осум наслови и потоа последните три кои влегоа во најтесен избор беше заедничка, што значи дека кога има квалитет кој е препознатлив и кога има критичари кои не се пристрасни кон авторот, тогаш се тече нормално и голема е веројатност да дојдеме до слични одлуки, рече Ќулавкова.
Претседателката на Жири комисијата за наградата „Димитар Митрев“, Лидија Капушевска-Дракулевска исто така се согласи дека во однос на избраниот добитник имале споделени резултати и оценки.
-Истото искуство го имав. Бидејќи за наградата „Димитар Митрев“ учествуваа помалку наслови, веќе во првиот круг одбравме три дела кои што беа финалисти и имавме споделени резултати и оценки. По дискусија, едногласно беше донесена одлуката, рече Капушевска-Дракулевска.
Претседателката на Жири комисијата за наградата „Ванчо Николески“ Билјана С. Црвенковска истакна дека победничката книга имала најмногу гласови.
-Искуството е слично. Трите финалисти веднаш испливаа на површина и сите гласавме за нив. Веќе кога се сретнавме и видовме кои сме членови, прво имавме дискусија, а потоа гласање. Немаше изедначен број на гласови, победничката книга имаше најмногу гласови и мислам дека принципот беше добар, рече
Доделувањето на наградите ќе се одржи задутре во 12 часот.