Од годинава, дуално стручно образование по германски стандарди и во Скопје
Еден од најголемите предизвици за економскиот развој на Северна Македонија е достапноста и задржувањето на млади квалификувани кадри, како и нивна мотивација да станат дел од домашниот пазар на трудот.
АХК Северна Македонија е дел од мрежата на 150 германски комори во 93 земји во светот и веќе 24 години ги следи потребите и предизвиците со кои се соочува стопанството во земјата.
„Пред седум години го започнавме проектот за дуално стручно образование по германски стандарди, а веќе денес наши партнери се 15 компании и осум стручни училишта. Посебно сме задоволни дека овој проект се имплементира во осум градови. На почетокот на оваа учебна година проектот за дуално стручно образование по германски стандарди започна да се спроведува и во Скопје – рече Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од германските стопански комори.
На денешниот состанок на Комитетот за дуално стручно образование по германски стандарди, на кој присуствуваше и министерката за образование, Весна Јаневска, Заменик германскиот амбасадор, Јан Фос разговаравме за предизвиците и за досегашните успеси на партнерите на оваа програма. Споделувањето на искуства е особено важно, бидејќи токму сега се работи на новиот закон за дуално стручно образование во Северна Македонија, нагласи Антје Ванделт.
Комитетот за дуално стручно образование по германски стандарди, го сочинуваат 37 членови, меѓу кои професори од училиштата партнери, одговорни лица во компаниите партнери за обука на учениците. Комитетот се состанува повеќе пати годишно и се залага за обезбедување на повисок квалитет и стандарди во дуланото стручно образование по германски модел.
Министерката за образование Јаневска истакна дека искуствата од осумте стручни училишта и 15 компании партнери се од огромно значење за воведување на дуално стручно образование и во други образовани профили и стручни училишта низ земјата.