Од денеска се враќа публиката на фудбалските натпревари во Грција


Натпреварите од првата фудбалска лига во Грција од денеска повторно ќе се играат со публика по пауза од два месеци по воведената забрана од грчката Влада во рамките на мерките за справување со спортското насилство, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите правила за стадионите ќе се спроведат во следните два месеци, а предвидуваат задолжителен електронски надзор на спортски објекти со современи камери од март и дигитална идентификација на сопствениците на билетите од првата половина на април.

Минатата среда, алтернативниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис и министерот за дигитална политика Димитрис Папастергиу ги презентираа новините што имаат за цел да се спречи насилството меѓу навивачите кое во земјата сè почесто одзема човечки животи.

Вруцис порача дека и при најмало прекршување на предвидените мерки, односно како што рече, ако биде фрлен и само еден опасен предмет се затвора стадионот и следниот натпревар екипата домаќин ќе го игра без публика, зад затворени врати.

-Нашата цел е да не влијаеме на првенството. Го почитуваме раководното тело на фудбалот и Фудбалската федерација, како и на секој друг спорт, исто како што ги почитуваме прописите на УЕФА и ФИФА. Но, наше право е да ја гарантираме безбедноста на граѓаните на стадионот, затоа кога ќе процениме дека постои небезбедна средина, тогаш строго ќе се запази сè што е предвидено во законот, порача Вруцис.

Паралелно со укинувањето на мерката за забрана на публика на натпреварите од првата фудбалска лига што важеше до вчера, стапуваат во сила и одлуките со кои Постојаниот комитет за справување со насилство веднаш ќе изрекува административни казни кога станува збор за најчестите насилства на навивачите како што се фрлање запаливи средства или опасни предмети во спортските објекти, објавување транспаренти или други натписи од политичка, верска или идеолошка природа, со навредлива, расистичка или сексистичка содржина итн.

Надлежниот министер објасни и дека од 6 март ќе биде задолжителен електронски надзор на спортски објекти со поставување современи камери со конкретни спецификации, обврска што ја имаат екипите, а камерите се однесуваат на првата фудбалска и кошаркарска лига.

Дополнително, од 9 април се воведува дигитална идентификација на сопствениците на билетите, што ќе се врши преку мобилните телефони.

Министерот за дигитална политика на Грција Димитрис Папастергиу, детално објасни како ќе функционира идентификацијата, посочувајќи дека иако досега постоеше електронски билет немаше можност за лична идентификација, а решението сега доаѓа од технологијата преку мобилниот телефон.

Ќе се користи апликацијата на грчката Влада, односно дигиталниот паричник каде што ќе се внесува билетот и автоматски ќе излегува баркод со личните податоци на сопственикот на билетот, кој ќе се скенира на влезовите на стадионите.

За странските државјани, процедурата е идентична, но со скенирање на пасошот и вметнување на билетот.

Паралелно ќе постои и „црна листа“, апликацијата преку личниот и единствен број ќе ги исфрла оние кои имаат забрана за влез на стадионите и нема да можат да внесат податоци за електронскиот билет.

Исклучок од овие правила се меѓународните натпревари што се под УЕФА, бидејќи како што објаснија надлежните министри, таму важат правилата на европската федерација.

По зголемениот број случаи на спортско насилство и откако полицаец им подлегна на повредите по напад од навивачи за време на одбојкарски натпревар во Атина во декември минатата година, грчката Влада воведе мерки, меѓу кои сите натпревари од првата фудбалска лига во Грција, два месеци се играа зад затворени врати.