Од 42 степени на копно до 13 во морето: метеоролошки екстреми во Романија


Националната метеоролошка служба на Романија издаде жолт и портокалов код за екстремно високи температури во 17 окрузи на југот на земјата.

Најжешко е во регионите Олтенија и Мунтенија, каде индексот на температура и влажност ќе ја надмине критичната граница од 80 единици. Максималните температури ќе се движат меѓу 37 и 40 степени, а ноќта повторно ќе биде тропска – термометрите нема да паднат под 20 степени.

Веќе во 11 часот по локално време, во Букурешт беа измерени 36 степени. Вчера во романската престолнина беше во сила највисокото предупредување – црвен код, а температурата достигна дури 42 степени. Во делови од центарот на градот, асфалтот омекнал од жештината, пренесува БТА.

Како одговор на екстремните услови, Градската управа на Букурешт продолжува со кампањата за бесплатно делење минерална вода. Од почетокот на акцијата на 27 јуни досега се поделени 35.000 шишиња. Поставени се и дополнителни системи за ладење со водена магла.

И покрај жештините, температурата на морската вода нагло опадна од 24 на 13 степени Целзиусови. На неколку плажи подигнато е жолто знаме како предупредување за ризик од термички шок.

Според стручњаците, ваквото изладување се должи на природен феномен наречен „апвелинг“ (upwelling), каде поради северозападен ветер, струите ја подигаат студената вода од длабочините кон површината.