Од 1.000 правни лица во Скопје, само 30 се во регистарот со А и Бе интегрирана еколошка дозвола


Фото: Б. грданоски

Сите компании кои имаат обврска, во наредните 30 дена да достават елаборати за управување со загадувањето и да аплицираат за Б интегрирана еколошка дозвола. Градот ќе ги превземе сите законски можности и нема да амнестира никој кој ќе биде затекнат дека врши дејност без соодветната еколошка дозвола и со тоа го нарушува квалитетот на животната средина и го загрозува здравјето на скопјани.

Градоначалничката Данела Арсовска најавизасилени контроли и зголемена ефикасност на градскиот инспекторат. Исто така, најави и дека следната недела ќе биде објавен регистарот на сите загадувачи во Скопје.

Рече дека како градоначалник со тимот во изминатата година работеле на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето и тоа на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

– Краткорочните, или популарно наречените „интервентни“ мерки од страна на градот Скопје се превземаат само по укажување на Министерството за животна средина. По добивање на известување за алармантна состојба од Министерството за животна средина и просторно планирање градот постапува согласно мерките кои се препорачуваат за заштита на амбиенталниот воздух, а во согласност со Законот за заштита на амбиенталниот воздух. Одлука од Град Скопје за превземање на краткорочни мерки следува по добиено известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање – рече Арсовска.

Во однос на мерките кои Градот ги презема за намалување на загадувањето Арсовска рече дека во континуитет се чистат дивите депонии, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз, се воведува ред во јавниот превоз во кој повеќе нема да можат да партиципираат возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди со цел намалување нa загадувањето од овие возила.

Фото: Б. Грданоски

Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух Градот Скопје спроведува мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните:

  • Зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и правни лица со Б интегрирани еколошки дозволи
  • Интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата заради контрола на прашина.
  • Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикавме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје.
  • Им се препорачува на градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
  • Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините се повикани да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
  • Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
  • Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
  • За енергенс или при затоплување да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.
  • Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, редовно да се чистат оџаците.

Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје .

Фото: Б. Грданоски

Ги повика ресорните институции во чија примарна надлежност е животната средина Министерството за животната средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина да ги интензивираат активностите во насока на овозможување здрава животна средина и повисок квалитет на амбиентален воздух. 

Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 12 до 88 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како неправилно одлагаат отпад и го прекршуваат законот.

– Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, при што со анализа и активности на терен детектирани се над 1.000 субјекти кои е неопходно да подлежат на интегрирани еколошки дозволи со што примарните извори на загадување од индустријата ќе се ограничат во можноста да се продолжи со истото однесување – рече Арсовска. 

Фото: Б. Грданоски

Имено, од 2006 година кога со Законот за животна средина е започнат процесоот за интегрирано спречување и контрола на загадување, со што се предвидува и воведување на регистар на загадувачи и контрола на издадени А и Б интегрирани еколошки дозволи, до овој момент во градот Скопје регистирани се само 30 правни лица, иако според анализите кои ги извршивме во изминатата година постојат најмалку 1.000 вакви правни лица кои морале да бидат регистрирани и соодветно контролирани.

– Оттука најавувам, и едновремено апелирам до сите компании кои имаат обврска според овој закон, во наредните 30 дена да достават елаборати за управување со загадувањето и да аплицираат за Б интегрирана еколошка дозвола. Градот ќе ги превземе сите законски можности и нема да амнестира никој кој ќе биде затекнат дека врши дејност без соодветната еколошка дозвола и со тоа го нарушува квалитетот на животната средина и го загрозува здравјето на скопјани – додаде Арсовска.